/ Прочитано:

1.034

Критики и препораки за независноста на Судскиот совет и Советот за утврдување на факти

Петок, 3 јули 2015 – Институтот за човекови права упатува сериозни забелешки за новиот Закон за Советот за утврдување на факти и покренување на постапка за утврдување на одговорност на судија и за Законот за измените и дополнувањата на Законот за Судскиот совет на РМ, во рамки на анализата за независноста на Судскиот совет.

Не е постигната целта за подобрување на независноста на судскиот систем

„Законот за Советот за утврдување на факти и покренување на постапка за утврдување на одговорност на судија и Законот за измените и дополнувањата на Законот за Судскиот совет на РМ се донесени во брза и скратена постапка, без консултации со засегнатите страни и без јавна расправа, и содржат бројни недостатоци во смисла на нејасни законски решенија како од аспект на организационата поставеност на надлежностите на Судскиот совет на РМ и Советот за утврдување на факти и покренување на постапка за утврдување на одговорност на судија, така и од аспект на функционирањето на двата органи. При ваква состојба може да се заклучи дека не е постигната целта за подобрување на независноста и самостојноста на судскиот систем како што наведува предлагачот на законите“, посочуваат од Институтот за човекови права.

Според Институтот за човекови права, Законот за Советот за утврдување на факти и покренување на постапка за утврдување на одговорност на судија нема уставна основа за донесување.

„Повикувањето на Законот за Судски совет на РМ не може да биде основа за донесување на овој закон, особено што и предлог-уставните амандмани, што се во постапка, не предвидуваат основање на таков орган“, велат од Институтот.

Законска неусогласеност и без суштинска транспарентност

„Законските решенија за новоформираниот Совет за утврдување на факти и покренување на постапка за утврдување на одговорност на судија, како и за постојниот Судски совет на РМ, не предвидуваат одговорност на членовите на овие два совета ниту предвидуваат обезбедување на суштинска транспарентност во нивното работење“, додаваат оттаму.

Според Институтот, одредби на новите закони се нејасни и не се усогласени со постојната законска регулатива од сферата на судството.

„Нејасни и неусогласени се одредби на анализираните закони со постојната законска регулатива од сферата на судството (Закон за судовите, Закон за парнична постапка и Закон за облигациони односи) во насока на обезбедување на правна сигурност и идентично постапување кога е во прашање рокот за поведување на постапка за нестручно и несовесно работење на судија, кога станува збор за поведување на таа постапка по добивање на одлука од Европскиот суд за човекови права, како и во насока на дадена можност да се осигури јасно, конкретно и поткрепено со аргументи утврдување на индивидуалната одговорност на судијата, особено што постои законска можност за повторување на постапката пред националните судови по добивање на одлука од ЕСЧП“, анализираат од ИЧП, додавајќи дека не постои и соодветен правен лек по однос на остварување на правото на жалба на незадоволниот кандидат –судија во постапка за избор на судии.

Деловникот за работа на Врховниот суд на РМ не е достапен на јавноста

„Не е обезбедена независна постапка по правниот лек оспорување на одлуката за дисциплинска одговорност или за разрешување од вршење на судиската функција. Членувањето и гласањето на претседателот на Врховниот суд на Република Македонија на седниците за разрешување на судија и за дисциплинска одговорност на судија не може да се занемари и може да предизвика објективно сомневање во независното работење на Советот за одлучување по жалбите против одлуките на Судскиот совет на РМ, формиран од страна на Врховниот суд на РМ. Ваквото сомневање е резултат и на околноста што не ѝ е достапен на јавноста Деловникот за работа на Врховниот суд на РМ, во согласност со кој треба да се уреди и формирањето на Советот кој одлучува по жалбите, ниту можат да се запознаат со неговата содржина заинтересираните трети лица и да ја анализираат“, истакнуваат од Институтот.

Одлуките на Судскиот совет на РМ се недоволно аргументирани

Според Институтот за човекови права, одлуките на Судскиот совет на РМ се недоволно аргументирани и содржат суштествени правни недостатоци и недостатоци од процедурално-правен аспект, што генерира  недоверба во работењето на ова тело.

„Потребна е целосна анализа и преиспитување на усогласеноста на овие закони со Уставот на РМ и со меѓународните документи, да се стопира постапката за избор на членови во Советот за утврдување на факти и покренување на постапка за утврдување на одговорност на судија, да се донесат дополнувања на постојните закони како во делот за ефективна одговорност на членовите на Судскиот совет на РМ и Советот за утврдување на факти и покренување на постапка за утврдување на одговорност на судија, обезбедување на независен и ефикасен правен лек на незадоволните кандидати во постапката за избор за судии“, препорачуваа од Институтот.

Да се востанови право на тужба за поведување на управен спор пред Управниот суд

Препораката на Институтот за усогласување на ефикасноста на правните лекови, а со тоа и обезбедување на независност во судството, е да се искористи можноста предвидена во Законот за управните спорови и со измена на Законот за судовите и Законот за Судскиот совет на РМ, наместо да постои право на жалба до Советот за одлучување по жалби при Врховниот суд на РМ, да се востанови право на тужба за поведување на управен спор пред Управниот суд и соодветен правен лек – жалба пред Вишиот управен суд.

„На овој начин ќе се укине Советот за одлучување по жалби при Врховниот суд“, потенцираат од Институтот.

М.В / veljanoskim@akademik.mk