/ Прочитано:

982

Кривична пријава за експлозијата во Сопиште

Понеделник, 4 август 2014 – Министерството за труд и социјална политика денеска поднесе кривична пријава во врска со експлозијата во фабриката за пиротехнички материјали во Сопиште, во која починаа две лица, а едно се бори за живот. Исто така ќе бидат поднесени барања за повеќе прекршочни постапки против сопственикот на фирмата „Ицемак“, која според трудовите инспектори имала повеќе неправилности во работењето,  пишува Утрински весник“. 

Пријавата е поднесена откако викендов почина и вториот работник кој беше повреден во експлозијата. Во саботата на Универзитетска клиника за хируршки болести „Св. Наум Охридски“ – Скопје на повредите им подлегнал и 27-годишниот работник, кој имаше изгореници на 80 отсто од неговата кожа. Причина за смртта се опсежноста и длабочината на изгорениците од трет степен, како и зафатеноста на респираторните патишта. Минатата недела почина неговиот постар 59-годишен колега, кој се здоби со исти повреди и изгореници при експлозијата во фабриката. 

Експлозијата се случи на 26 јули во попладневните часови, во фабриката за пиротехника во Сопиште, по што интервенираа екипите на Противпожарната единица од Скопје. Пожарникарите помогнале да се извлечат четворицата вработени, од кои тројца беа потешко повредени, а еден помина со полесни повреди. Жената којашто беше повредена во експлозијата се лекува на КАРИЛ – Клиника за анестезија, реанимација и интензивно лекување во Скопје. 

По проверката на целокупната документација на вработените во фабриката инспекторите утврдиле дека фабриката не презела заштитни и безбедносни мерки за вработените, кои немале завршено обука за безбедност при работа. Биле откриени и други пропусти  од Државниот инспекторат, а пријава, како што пишува весникот, е поднесена против сопственикот, бидејќи не обезбедил безбедност и здравје при работа за неговите вработени од секој аспект поврзан со работата.