/ Прочитано:

1.261

Кривичниот суд определи куќен притвор за битолскиот градоначалник

Истовремено се забранува осомничениот В.Т. да го напушти своето живеалиште без дозвола од Судот, а доколку осомничениот не се придржува на забраната, против истиот ќе се определи мерка притвор, велат од Кривичниот суд.

Владимир Талески

Кривичниот суд ја одбил жалбата на Специјалното јавно обвинителство, кое бараше притвор за градоначалникот на Општина Битола, Владимир Талески, осомничен во предметот „Транспортер“, но наместо одземање на пасошот, како што одлучи судијата на претходна постапка, одреден му е куќен притвор.

„Решението на судијата на претходна постапка од 13.6.2016 година по повод предлогот на СЈО за определување на мерка притвор за лицето В.Т. се преиначува и се определува мерка куќен притвор во траење од 30 дена сметано од неговото пронаоѓање и лишување од слобода, а поради постоење на причините предвидени во чл.165 ст.1 т. 1 , 2 и 3 од ЗКП. Истовремено се забранува осомничениот В.Т. да го напушти своето живеалиште без дозвола од Судот, а доколку осомничениот не се придржува на забраната, против истиот ќе се определи мерка притвор“, велат од Кривичниот суд.

Надзорот над куќниот притвор се наложува да го извршува СВР Битола при што овластени службени лица од подрачната полициска станица во одредени временски интервали, ненајавено во текот на 24 часа, ќе го проверуваат присуството на осомничениот во неговиот дом, додаваат од Судот.

„За секое непочитување на решението од страна на осомничениот се задолжува надлежна полициска станица веднаш да го извести Основен суд Скопје 1 – Скопје. Против ова решение дозволена е жалба во рок од 24 часа преку овој суд до Апелационен суд Скопје“, се наведува во соопштението на Судот.

Талески и уште 22 лица се осомничени дека го злоупотребиле Буџетот на Република Македонија за 360 илјади евра поради незаконско организирање на училишниот транспорт.

Градоначалникот на Битола беше на распит во Скопје во понеделникот, но од Судот замина од задната страна без да даде изјава во однос на случајот за кој СЈО го товари.