/ Прочитано:

1.263

„Купување влијание: Пари и избори на Балканот“ – (Не)транспарентност во финансирањето политички партии

Вторник, 25 јуни 2013 – Недостатокот на доверба во политичките партии, му се заканува на демократскиот процес на земјите од Балканот, заклучува „Транспаренси интернешнл“ во својот извештај насловен „Купување влијание: Пари и избори на Балканот“. Глобалниот корупциски барометар за 2013, кој ќе биде објавен летово, покажува дека граѓаните на Македонија, Хрватска и Србија ги оценуваат политичките партии како најкорумпирани од дванаесет јавни институци.

Веродостојноста на финансиските извештаи на политичките партии во Македонија, Косово и Србија во извештајот на меѓународната организација е оценета како најслаба од сите проценети области, Според овој критериум, Македонија се најде на претпоследното место во регионот во категоријата на земји со недоволно веродостојни финансиски извештаи од политичките партии за финансирање на предизборните кампањи. На последно место во оваа категорија е Косово.

За Македонија,Косово и Србија во Извештајот се забележува недостиг на мерки против злоупотребите при финансирањето на политичките партии.

Истражувањето на „Транспаренси“ утврдува дека Македонија и Србија никогаш не биле казнети политички партии за непочитување на правилата за финансирање на предизборна кампања.

„Една од главните причини за слабото санкционирање поради непочитување на правилата за финансирање е големата политизираност на наводно независните надзорни институции. Со цел истите ефикасно да работат, потребно е да се обезбеди нивна независност од политичко влијание“, се наведува во извештајот.

Највисока оцена е доделена за објавувањето на информациите за финансирање на политички кампањи, но само за постоењето на законска обврска, што е проценето како добро. Сепак, оцената за примената на оваа пракса е просечна, а Македонија повторно е претпоследна во регионот со значајни разлики во споредба со Хрватска и Србија.

„Силната демократија и фер избори најмногу зависат од ’отворените книги на политичкото финансирање’. Без чиста политика не може да се има чиста влада. Хрватска малку ги надминува своите соседи во однос на  транспарентностa на една кампања, додека на нејзините соседи им претстои долг пат“, оценува Миклош Маршал, заменик директор на „Транспаренси интернешнл“.

Ефикасноста на контролата на финансирањето е проценета како просечна, но во примената на истата Македонија не покажува значајни резултати.

Посочувајќи го влегувањето на Хрватска во ЕУ на 1 јули годинава, Маршал наведува дека борбата со корупцијата не треба да застане тука, особено поради тоа што финансирањето на политичките партии е проблем во ЕУ.

„Нашето истражување во минатото покажува дека влезот во ЕУ не смее да биде изговор за владите да ги успорат нивниот анти-корупциски напори, всушност од тука работата навистина треба да започне, особено кога се разботи за финансирањето на политичките партии“, потцртува тој.