/ Прочитано:

2.449

Кузмановски: Се чувствувам делумно виновен за смртта на Дијана, но не се согласувам со тврдењата на Обвинителството

Среда, 25 септември 2015 – Се чувствувам делумно виновен за смртта на Дијана, но не се согласувам со она што го тврди Обвинителството, рече денеска Никола Кузмановски (22), обвинет за убиството на медицинската сестра Дијана Здравковска, што се случи на 9 јануари на Детската клиника во Скопје.

Поради одлагањето кое траеше подолго од 90 дена, главната расправа денеска почна одново. Обвинетиот, за разлика од претходните два пати кога негираше вина, денеска рече дека се чувствува делумно виновен за смртта на Дијана.

„Јас се чувствувам делумно виновен за смртта на Дијана, но не се согласувам со она што го тврди Обвинителството и ќе го раскажам тоа на распит“, рече тој.

Обвинетиот бил пресметлив

На денешното рочиште, меѓу другото, вештаците и техничките советници предложени од обвинителството и одбраната ги презентираа психијатриските вештачења.

Според психијатарот Ставре Грамов, Кузмановски бил пресметлив за време на трагичниот настан. 

„Според моите согледувања, неговата пресметливост за време на настанот апсолутно не е доведена во прашање. Покрај постоењето на афективен набој тој можел да управува со своите дејствија“, рече Грамов.

„Нема убиство без афект и кај најладнокрвниот убиец кој нишани со снајпер постои афект, но има варијации“, додаде Грамов.

Според информациите кои на Грамов му ги соопштиле техничките советници, наводно на 9-ти јануари утрото, на денот кога се случи убиството, Кузмановски закажал преглед кај психијатар, кој требал да се реализира во наредните неколку дена. Сепак, психијатарот го опиша Кузмановски како психолошки здрава личност, која не боледува од никакво душевно заболување. При првиот преглед, како што рече, Кузмановски, одбивал да соработува, но на вториот преглед имал огромна потреба да зборува за својот интимен живот и трагичниот настан.

„Во текот на целиот разговор кај него доминираше доминантно чувство на вина кое јас го доживеав емпатиски“, рече психијатарот.

За Грамов, впечатлив бил начинот на кој обвинетиот сакал да ја прикаже инкриминираната ситуација.

„Тој дури неколку пати во текот на разговорот на нас сакаше да ни покаже како се’ се случило. Не ми беше уверлив. Имаше тенденција да прикаже дека се работи за несреќна ситуација, меѓутоа тоа нас не не’ разубеди“, рече тој.

Психијатарот не ги изнесе деталите за тоа како Никола му го опишал убиството, но при вкрстеното испрашување читајќи еден од цитатите во неговиот наод, прочита дека за време на расправијата Дијана му рекла на Никола „Кој си ти да ми бараш ДНК“.

За потсетување, Никола, кој е десет години помлад од Дијана, бил во љубовна врска со неа, додека таа била во брак. За време на трагичниот настан таа била бремена. Според Обвинителството, смртта на Дијана настапила насилно, со задушување сторено од страна на Никола. Имено, во обвинителниот акт се наведува дека тој делото го извршил по претходна вербална расправија, по што со употреба на сила ја турнал на подот Дијана, која удирајќи со главата на подот, при падот се здобила со повреда што не ѝ го загрозувала животот. Според Обвинителството,  користејќи ја состојбата во која оштетената, поради повредата, не можела да дава отпор, обвинетиот со едната рака ја фатил за вратот и почнал да ја стега, а со другата рака во исто време ѝ ги затнал носот и устата, давејќи ја, сѐ додека не престанала да покажува знаци на живот, по што настапила смрт кај Дијана како резултат на насилното задушување.

Одбраната, пак, на првото рочиште во својот воведен говор наведе дека е точно дека имало смртни последици, дека обвинетиот бил близок со покојната, дека таа била бремена, но дека преку измислена приказна на психијатарот се доаѓа до, „квазивистина“.  Според бранителите, кои во оваа фаза на постапката не сакаат да откриваат детали за одбраната на обвинетиот, доколку Кузмановиќ навистина ја задавил, положбата на прстите би била чудно поставена за да дојде до задушување сторено од него.

Жртва на семејно насилство

Психијатарот Грамов, изнесе и детали од животот на Никола, кој имале значајно влијание врз изградбата на неговата личност. Случајот на Кузмановски го нарече специфичен, бидејќи тој растел во семејство со заштитничка мајка и татко која е целосна спротивност.

„Таткото е зависник од алкохол, лице кое поради својата зависност го изложувало семејството на насилство. Никола и татко му во неколку наврати имале и вербални и физички расправи за да во подоцнежниот период Никола се постави во улога на заштитник“, наведе Грамов. Ваквата изјава ги расплака обвинетиот и неговата мајка, која заедно со својот сопруг, таткото на Никола,  седеше наспроти него. 

Психологот: Jaс искрено го доживеав Никола

Психологот Лилјана Димитрова, вештак предложен од Обвинителството, која исто така на денешното рочиште ги презентираше своите наоди, наведе дека Никола за време на разговорот со неа бил депресивен и анксиозен. 

„Постојано велеше ‘за мене животот заврши, јас не знам како ова ќе продолжи…’ Целокупното тестирање беше пропратено со бурни изливи на плач“, рече Димитрова.

За разлика од Грамов, таа  наведе дека искрено го доживеала Никола.

„Откако ќе се смиреше, се обидуваше да ни’ покаже како се одвивал целиот настан. Целата ситуација ја опишуваше сликовито и хронолошки. Јас го доживеав искрено“, истакна Димитрова.

Техничките советници предложени од одбраната, рекоа дека има некои разлики во вештачањата, но дека тие главно се однесуваат на структурата личноста на обвинетиот.  Во профилот на Никола изработен од техничките сосветници, како што беше посочено, нагласена е скалата на хистерија. Според нив, се работи за екстровертна, друштвена и егоцентрична личност со егзибиционистички склоности.

Кузмановски се товари за кривичното дело „убиство на бремено лице“. Тој по настанот, според раскажувањата на сведоците, сакал да се самоубие, но тие го убедиле да не го стори тоа.

Судењето продолжува на 23 декември, со распит на сведоци, пријатели на обвинетиот,  предложени од одбраната. 

Е. П. / pavlovskae@akademik.com.mk