/ Прочитано:

2.647

Квалитетот на воздухот низ политиките на ЕУ и состојбата во македонското законодавство

Секоја година загадениот воздух придонесува за 25 000 смртни случаи во Велика Британија, што претставува шокантна бројка. Според британските закони, Владата е обврзана да се справи со загадувањето на воздухот и да преземе мерки за негово намалување во најкраток можен период, но Врховниот суд го оценил Законот против загадувањето на воздухот како сиромашен со правни мерки и ѝ препорачал на Владата да го подобри најдоцна до 2018 година.

Загадувањето на воздухот претставува главен политички и правен проблем на ЕУ уште од доцните седумдесетти. Политиката на Европската Унија за загадувањето на воздухот постојано се стреми кон развој и имплементирање соодветни инструменти за подобрување на неговиот квалитет. Контролата на емисионите гасови, подобрувањето на квалитетот на горивата, воведувањето на иновации во уредувањето на животната средина се само дел од тие политики кои се применуваат во ЕУ.

Европската комисија во декември 2013 го предложила пакетот политики за чист воздух, кој се состои од нова програма за чист и квалитетен воздух во Европа и од цели кои треба да се постигнат до 2030 година, ревидирана национална Директива за емисија на штетни гасови и предлог за нова Директива за намалување на загаденоста на воздухот од средно ниво на согорување.

Секоја година загадениот воздух придонесува за 25 000 смртни случаи во Велика Британија, што претставува шокантна бројка. Според британските закони, Владата е обврзана да се справи со загадувањето на воздухот и да преземе мерки за негово намалување во најкраток можен период, но Врховниот суд го оценил Законот против загадувањето на воздухот како сиромашен со правни мерки и ѝ препорачал на Владата да го подобри најдоцна до 2018 година.

Во последните 25 години во Велика Британија е забележано подобрување на квалитетот на воздухот. Некои од загадувачите, како што се: бензенот, јаглерод моноксидот и сулфур диоксидот, никогаш не ја надминале дозволената граница, а во последните години нивното присуство е речиси невидливо.

Според плановите и гледиштата на Владата, постојат две цели за борба против загадувањето на воздухот: прво, треба да се намали емисијата на штетните гасови во целина и второ, да се намали изложеноста на човекот на загаден воздух. Тие планови имаат правнообврзувачки карактер кога ќе се имплементираат во законите. Според статистиката, од 1990 година е намалена емисијата на азот диоксид, а тоа се должи пред сè на нивното контролирање, надградба на централите што ги емитуваат, промената од јаглен на гас, а во последните години и со користење на обновливи извори на енергија.

Се разбира, оваа комплексна проблематика во иднина треба да се надградува и да се развива преку имплементација на законите, директивите, регулативите и препораките на ЕУ. Забраната за согорување фосилни горива (јаглен, нафта) е најефективна и долгорочна стратегија за подобрување на квалитетот на воздухот. Следењето на новите технологии и нивната примена е исто така составен дел од тие политики. Така на пр., во одредени држави потребна е корекција на законите поврзани со увозот на автомобили со ЕУРО 6 стандард, кој претставува надградување на директивите на Европската комисија за намалување на штетните гасови кои ги испуштаат возилата. Тој бил претставен во септември 2015 година и сите производители на автомобили мора ги исполнуваат тие стандарди за намалување на азотните оксиди, јаглерод моноксидот, јаглеводородите и ПМ честичките кои во основа се чад од автомобилите што користат дизел-гориво.

Првиот ЕУРО стандард стапил на сила во 1992 година со ЕУРО 1 и тој дозволувал емитирање на максимум 780 мг/км азотни оксиди за дизел-моторите, додека на моторите на бензин 490 мг/км. Овој првичен стандард до 2015 година, сега како ЕУРО 6, дозволува до 80 мг/км кај дизел-моторите, а 60 мг/км кај бензинските мотори.

Алистер Луис, професор по атмосферска хемија во Националниот центар за атмосферски науки во Њујорк, препорачува одредени краткорочни стратегии кои би било добро да се исполнат до 2020 година. Изградба на зелени зони на чист воздух во градовите, замена на горењето дрво и пелети со генератори кои ќе овозможат поевтина струја. Во градовите треба да се воведат поголем број автобуски линии и возови, да се ограничи употребата на приватните автомобили или товарни возила, или комбинација на овие мерки.

Во меѓународното право постојат повеќе конвенции кои се однесуваат на климата, на квалитетот на воздухот и на заштитата на озонската обвивка од кои првата Конвенција за загадување на атмосферата со широки размери е креирана од Обединетите нации во 1979 година, а стапила на сила во 1983 година.

Во Република Македонија, во врска со квалитетот на воздухот, постои Законот за квалитетот на амбиенталниот воздух, донесен во 2004 година, со кој се уредуваат мерките за избегнување, спречување или намалување на штетните ефекти од загадувањето на амбиенталниот воздух врз човековото здравје, како и за животната средина како целина преку утврдување на гранични и целни вредности за квалитетот на амбиенталниот воздух и прагови на алармирање и праг на информирање, гранични и целни вредности за емисии, формирање на единствен систем за следење и контрола на квалитетот на амбиенталниот воздух и следење на изворите на емисии, сеопфатен систем за управување со квалитетот на амбиенталниот воздух и изворите на емисии, информативен систем, како и други мерки за заштита од одредени активности на правните и физичките лица кои имаат директно или индиректно влијание врз квалитетот на амбиенталниот воздух.

Според овој закон, дефиницијата за загадување на воздухот е: промена на квалитетот на амбиенталниот воздух како резултат на човековите дејства со непосредно или посредно внесување на загадувачки супстанции коишто можат да бидат штетни за човековото здравје и за животната средина, или да предизвикаат штета по материјалниот имот и да ги нарушуваат или да влијаат врз природните убавини и другите легитимни начини на користење на животната средина.

Членот 8 ги наведува и изворите на загадување, како што се: инсталациите во кои се одвиваат технолошки процеси, согорување на отпад, мотори со внатрешно согорување, локомотиви, бродови, авиони, сите видови горива и природните појави.

Исто така, со овој закон се предвидува и Национален план за заштита на амбиенталниот воздух во Р Македонија кој се донесува за период од најмалку 5 години, како и план за квалитет на воздухот.

За вршење на инспекциски надзор надлежен е Државниот инспектор за животна средина, кој има право да врши увид и контрола дали се исполнети условите за заштита и за подобрување на квалитетот на воздухот, како и да презема други мерки за кои е овластен според закон.

Законот, исто така, пропишува и прекршочни одредби во максимален износ од 20 000 евра за правно лице или за трговец поединец кој постапува спротивно на одредбите од овој закон.