/ Прочитано:

819

ЛАНИ 200 ИЛЈАДИ ИНСПЕКЦИСКИ НАДЗОРИ: Најмногу поплаки за трудовите и пазарните инспектори

Вторник, 31 март 2015 – Од почетокот на годината до Инспекцискиот совет се пристигнати 64 претставки од граѓани и компании кои по разни основи се жалат на работата на инспекторите. Најмногу поплаки има за инспекторите од Трудовата и од Пазарната инспекција.

„Поплаки најмногу има за несоодветно, некултурно или неправилно постапување на инспекторите. Претставките не значи дека секогаш има инспекциска повреда. Секој што ќе биде казнет на некој начин сака да се пожали некаде, но имаме и доста случаи кога жалбата е оправдана“, изјави претседателот на Инспекцискиот совет, Ванчо Каргов.

Тој најави и нов систем за оценување на работата на инспекторите кои ќе се оценуваат квартално со цел да се подобри квалитетот на инспекцискиот надзор.

За работата на четворица трудови инспектори од кои двајца од Скопје и по еден од Тетово и Струга се пожалиле граѓани и компании чии претставки денеска се разгледуваат од страна на надлежните во Инспекцискиот совет.

Покрај ова, на седницата ќе биде разгледана и жалбата за еден инспектор од Дирекцијата за заштита и спасување.

Минатата година од страна на инспекциските служби извршени се над 200 илјади инспекциски надзори, од кои најголем дел инспекции спровеле трудовите и пазарните инспекции и инспекторите од Агенцијата за храна и ветеринарство и од Инспекторатот за земјоделство. Донесени се 41 илјада инспекциски мерки, од кои најголем дел се решенија за отстранување на неправилностите, 1,5 илјада мандатни казнувања, 3,2 илјади покани за плаќање глоба, 3,6 прекршочни и 45 кривични пријави.