/ Прочитано:

1.305

Лекарите бараат поголема правно-безбедносна заштита и законски регулиран статус на службени лица

Петок, 20 јуни 2014 – Лекарите да добијат  да добијат поголема заштита додека пружаат лекарска помош преку промена во Законот за здравствена заштита каде лекарите треба да добијат статус на службени лица заради нивна поголема лична безбедност поради зголемениот број физички напади врз лекарите од страна на блиски на пациенти, бараат од Лекарската комора.

Поголематa правна заштита – итен предлог до Министерот за здравство

“Насилството врз докторите не смее да се толерира, тоа е цивилизациски неуспех. Токму затоа неопходно е докторите и здравствените работници да имаат посебен статус кој правно треба да се регулира како предуслов ваквите инциденти во иднина да не се третираат како обични конфликти и напади, односно потребна е посебна правна рамка со која ќе се обезбеди поголема заштита на докторите и здравствените работници при укажувањето на здравствената заштита. Како професионална асоцијација потребата од ваквиот концепт ќе му ја предложиме и на ресорниот министер веднаш по конституирањето на новиот кабинет на Владата”, велат за Академик од Лекарската комора на Македонија.

Лекарската комора на Македонија најостро реагира и ги осудува се почестите вербални и физички напади на докторите на нивните работни места.

Лекарите проблемот го дијагностицираат во целиот регион – можеби заради зголемено „космичко зрачење“, вели претседателот на ЛКМ

 „Нелогично е човек при здрав памет да го нападне лекарот кој се грижи за негов близок. Како лекарот ќе даде максимум ако се чувствува загрозен? Докторот поради телесните повреди не можел да го продолжи дежурството, а на другата докторка ѝ се заканувале дека ќе плати за нејзиното работење или неработење. Уште еднаш се обидуваме да ги најдеме причините за ваквата агресија. Проблемот е присутен во целиот регион, на пример во Краљево беше убиен хирург. Не знам дали станува збор за промените во јоносферата, зголеменото космичко зрачење или нешто друго“, потенцира претседателот на Лекарската комора Кочо Чакалароски кој додава дека инцидентите кои излегуваат во јавноста, како што беа и последните два инциденти на Универзитетската клиника за гастроентерохепатологија, каде што имаше физички напад на доктор на дежурство и друг случај на вербална закана, се само дел од насилството врз докторите на нивните работни места во моментот кога тие ја вршеле својата одговорна професија.

Пациентите и роднините „гуглаат“ и им делат совети на лекарите како да постапуваат

Потпретседателката на Лекарската комора, Ленче Нелоска, бара темелен пристап кон информираноста на пациентите и роднините, и да се дозволи на лекарите да си ја вршат својата работа.

„Преку интернетот или други средства за информирање пациентите доаѓаат често информирани во некој дел, кој што е интересен за нив, меѓутоа не за остатокот за медицината. Доаѓаат со желби и со идеи како тоа треба да се постапи, што не секогаш е точно. За моментот на одлучување треба да се остави на докторот каде тој си постапува по медицинската доктрина. Тоа значи по итноста, по ургентноста, и оној што не е избран прв да биде третиран треба да го почитува тоа“, посочи Нелоска.

За жал, предупредуваат лекарите, ваквите случаи се многу почести отколку што се зборува за нив и покрај тоа што секој поединечен инцидент не е само лична трагедија и траума, туку го урива интегритетот и дигнитетот на докторот и здравствениот систем во целина.

Компаративна анализа: Од ЛКМ бараат лекарите да добијат статус како во Финска и Данска

Во Лекарската комора на Македонија во изминатите неколку месеци се доставени повеќе дописи од доктори на медицина во кои тие известуваат дека при укажување на здравствена заштита на нивните работни места се почесто се напаѓани вербално и физички од страна на пациентите или нивните најблиски.

Комората е категорична дека со насилството врз докторите на медицина им се нанесува голема штета и на самите пациенти и како професионална асоцијација потсетува дека неколку пати апелираат до здравствените власти и директорите на здравствените установи да преземат дополнителни мерки и активности со кои на докторите на медицина ќе им се обезбеди соодветна заштита и услови за нормална работа.

 Од Лекарската комора направиле и компаративна анализа според која вакви инциденти има и во другите земји и во другите здравствени системи, и сите се обидуваат да ги превенираат и да се справат со нив. Во овој контекст се наведуваат и примерите на Финска, Данска и Израел каде докторите имаат статус на службени лица, како и информациите, според кои, вакви заложби има и во Србија и Бугарија.

Да се засили концептот на зајакната доверба помеѓу пациентот и лекарот

Лекарската комора на Македонија цени дека е неопходно да се работи на враќање на довербата меѓу пациентите и докторите и апелира до здравствените работници максимално да се ангажираат и да имаат трпение во работата со пациентите.

Во таа насока, Комората повикува на реформи во здравствениот систем со цел докторот, врз основа на стручна процена, да определува колку време му е потребно за секој пациент поединечно и дека е недозволиво тоа да биде регулирано со некакви административни рамки.

(М.В.)