/ Прочитано:

1.534

„Левица“ бара да престане кривичниот прогон против нивни членови и поддржувачи и против лицата што протестираат

Од МВР потврдуваат дека Савески бил повикан на разговор во полициска станица во врска со случувањата пред Народната канцеларија на Претседателот на РМ од првата вечер на протестите, 12 април. Савески сам се јавил на поканата. Освен Савески, повикано е уште едно лице кое треба да дојде во полициска станица во 14:00 часот. По завршувањето на разговорот ќе се знае дали против Савески ќе биде поднесена кривична пријава, велат од МВР.

1 levica

Претставници на политичката партија „Левица“ денеска од пред Основниот суд Скопје 1 упатија барања до министрите за внатрешни работи, до Основното јавно обвинителство Скопје и до Судот во врска со нивните тврдења дека професорот Здравко Савески, член на партијата, е повикан на информативен разговор во полициската станица „Пролет“.

Членовите на „Левица“ и десетина нејзини поддржувачи побараа министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски и заменик-министерот за внатрешни работи, Митко Чавков, да не ги евидентираат и да не ги процесираат кривичните пријави.

„Понатаму, бараме Јавното обвинителството да не предлага мерка притвор и третото барање се однесува до судијата на претходна постапка, кај кого евентуално ќе биде распореден предметот, да не одредува мерка притвор бидејќи тоа ќе ја зоврие атмосферата и ќе влијае контрапродуктивно“, вели Димитар Апасиев.

Од „Левица“ велат дека Савески е осомничен за делото учество во толпа според членот 385 од Кривичниот законик, според кој е предвидено парична казна или казна затвор во траење од три години.

Савески, велат од „Левица“, има бранител кој го советува во врска со постапката која е поведена против него.

Од  „Левица“ велат дека уште тројца нивни членови, кои се во раководните партиски органи, добиле покани за информативни разговори.

„Настаните за кои тие се товарат се поврзани со масовните протести кои ги иницираше движењето ‪#‎Протестирам, кои се развија во т.н. Шарена револуција, кои почнаа по срамната и противправна аболиција на Претседателот на РМ. Нашите членови беа и ќе бидат во првите редови на протестите“, велат од „Левица“.

Од МВР потврдуваат дека Савески бил повикан на разговор во полициска станица во врска со случувањата пред  Народната канцеларија на Претседателот на РМ од првата вечер на протестите,  12 април. Савески сам се јавил на поканата. Освен Савески, повикано е уште едно лице кое треба да дојде во полициска станица во 14:00 часот. По завршувањето на разговорот ќе се знае дали против Савески ќе биде поднесена кривична пријава, велат од МВР.

Од Основното јавно обвинителство Скопје велат дека надлежен јавен обвинител бил известен дека едно лице е повикано во полициска станица во врска со протестите, но засега нема информации дали и кога тоа лице ќе биде сослушано и од јавниот обвинител.

Протестите, кои се организираат по донесувањето на одлуката на Претседателот на Република Македонија за помилување на 54 лица, веќе 10 дена се одржуваат низ улиците на Скопје. Првиот ден од протестите демонстрантите ја демолираа Народната канцеларија на Претседателот на РМ. По насилните демонстрации беа приведени 13 лица, против двајца од нив беа поднесени кривични пријави за учество во толпа, а им беше определен и куќен притвор во траење од осум дена, додека против 11 лица беа поведени прекршочни постапки.

Протестите во следните денови продолжија без инциденти. Демонстрантите како дел од начинот на изразување незадоволство фрлаа боја на зградите на неколку државни институции и споменици во Скопје.

М. С.