/ Прочитано:

766

УЈП – ЛИСТА НА ДОЛЖНИЦИ: 276 милиони евра за неплатени даноци, придонеси, акцизи и царини

Петок, 12 јуни 2015 – Над 276 милиони евра за неплатени даноци, придонеси, акцизи и царини должат граѓаните и фирмите што се најдоа на последната „црна листа“  на  Управата за јавни приходи.

Листата ја сочинуваат лицата што имале достасани обврски до крајот на февруари, а не ги платиле заклучно со мај годинава. Анализата на податоците покажува дека има вкупно 3.204 фирми-должници, односно 135 помалку од претходната листа и 1.106 физички лица чиј број пораснал за 149 од претходната листа. Вкупниот бруто-долг на должниците изнесува над 17 милијарди денари или 276,8 милиони евра и е помал за 502 милиони денари или 8 милиони евра помалку од претходната листа.

Нето-долгот за даноци и придонеси изнесува 13 милијарди денари или 212,3 милиони евра, односно е понизок за 7,2 милиони евра во однос на претходната листа. Нето-долгот за царински давачки е 239 милиони денари или 3,8 милиони евра и е помал за 28 илјади евра во однос на претходно.

Три јавни претпријатија, кои се во 20 најголеми должници на УЈП, должат за даноци сума од над 13 милиони евра – „Македонијапат“ должи 6,5 милиони, „Македонски шуми“ 5,1 милиони и МРТ 1,6 милион евра.

„Доколку даночниот обврзник не се согласува со објавените податоци, Ве молиме да се обратите до:

  • надлежната Регионална дирекција на УЈП (види контакт) – за објавените долгови по основ на ДДВ, данок на добивка, персонален данок на доход и придонеси од задолжително социјално осигурување;
  • Царинска управа на РМ-Одделение за наплата на приходи, буџет, гаранции и анализа (тел.02/3293 978 или 02/3293 971) – за објавените долгови по основ на акцизи, царини и ДДВ при увоз“, упатуваат од УЈП.