/ Прочитано:

949

Лустрациска разгледуваше предмети вратени од Вишиот управен суд

Среда, 19 март 2015 – На последната седница Комисијата за верификација на факти, меѓу другото, расправаше по три предмети вратени од Вишиот управен суд во Скопје. Членовите на лустрациска ги земаа предвид укажувањата на Судот и донесоа нови решенија за трите лица, пренесе МИА.

Едниот предмет се однесува на Стеван Павлески, поранешен републички потсекретар на Службата за државна безбедност, а извесен период и заменик – јавен обвинител. Комисијата во новото решение направи разграничување на неговото дејствување при вршењето на двете функции – како републички потсекретар на СДБ, како наредбодавец и како јавен обвинител, според членовите во законот што соодветствуваат за наредбодавец и како лице кое постапувало во службено својство во судска постапка. Предметот повторно ќе биде разгледуван од страна на Вишиот управен суд во Скопје. 

За второто лице, Хаки Бедиу, кое било помошник-началник на втор сектор во СДБ, како и соработник, е прифатено укажувањето на Судот да биде отстрането од решението дека истовремено бил и корисник на информации. Третиот предмет се однесува на лицето Никола Темелковски – поранешен директор на јавното претпријатие во Битола, кој бил вработен по иницијатива од трето лице. Притоа е прифатено укажувањето на Судот дека тој бил само соработник, но не и наредбодавец.  На седницата, што се одржа во понеделникот, како што информираше членот на Комисијата Предраг Димитровски, е прифатен извештајот и за поранешен заменик-главен уредник на Студентски збор, кој бил соработник на поранешните тајни служби со псевдоним „Индекс“. Лицето било ангажирано на обработка на членовите на наводно Младо-националистичка организација „Орел“ во која членувале новинари, како на пример Благоја Лактински, Ѓорѓи Најдоски, Тришо Стојановски, Злате Ванчовски, Ѓорѓи Мангаровски, Петре Јанкуловски, како и писателите Гане Тодоровски и Божин Павловски. Решението ќе биде донесено на една од наредните седници по проверка на личните податоци на поранешниот соработник.  На седницата, по проверката на добиените лични податоци, се донесени решенија и за двајца поранешни носители на јавни функции кои биле соработници на службата со псевдоними „Дабница“ и „Плетварец“. Едниот од нив бил декан на Економскиот факултет во Прилеп, а другиот директор на ООЗТ „Центропромет“, меѓутоа бидејќи се починати, нивните имиња и документите нема да бидат објавени.