/ Прочитано:

700

Македонски обвинители разменија искуства за финансиски истраги со колегите од регионот

Среда, 5 март 2014 – Размена на искуства и јакнење на регионалната соработка во областа на финансиските истраги меѓу надлежните институции од регионот е целта на дводневната конференција за перење на пари и истраги поврзани со корупција што се одржува во Скопје, во организација на Академијата за судии и јавни обвинители на Република Македонија.

Републичкиот јавен обвинтел Марко Зврлевски во поздравното обраќање истакна дека во Македонија има перење пари, но за разлика од други земја овде се случува обратен процес, а тоа е „чистите пари да ги правиме валкани“.

„До пред кратко време во Македонија немаше причина да се кријат валканите пари. Финансиската дисциплина ние ја зајакнавме последниве години. Порано никој не прашуваше од каде ни се парите кога купуваме автомобил од 10, 15 или 20 илјади евра, кога купуваме стан од 100, 200 илјади евра. Но сега финансиските институции јакнат, јакне финансиската полиција, обвинителството и се препознава перењето пари како криминал“, рече Зврлевски.

Тој додава дека изминативе години се воспоставени такви механизми така што банкарскиот и финансискиот систем во Македонија е зајакнат па откриени се повеќе случаи. И лесно се препознаваат и откриваат такви начини на пренесување пари од едни држави преку Република Македонија во други држави.

„Парите не се перат само во урбанизмот, туку на повеќе други начини, но најлесно е преку градба на објекти обезбедени од валкани пари“, рече Зврлевски.    

На собирот, покрај од Македонија учествуваат претставници на обвинтелствата, финансиските полиции и други институции од Албанија, Косово, Србија, Хрватска, Црна Гора и од Босна и Херцеговина. Тие, денеска и утре, ќе имаат можност да ги проследат и експозеата на јавни обвинители од обвинителствата на Австрија и на Холандија со експертизи од областа на финансиските истраги. 

Директорката на Академијата за судии и јавни обвинители Анета Арнаудова истакна дека регионалната конференција е последен настан од  проектот ИПА 2010 што од 2011 година го остваруваат со Германското друштво за меѓународна соработка и ЦЛС од Холандија, а се однесува на јакнење на капацитетите на јавно-обвинителската мрежа во регионот.

Темите на обуките, како што појасни Арнаудовска, се селектирани според потребите на инстуциите вклучени во разоткривање и гонење на организираниот криминал, со акцен на перењето пари и корупцијата.