„МЕЃАШИ“ ДО УСТАВНИОТ СУД: Недозволиво е педофили да можат да бидат помилувани
Првата детска амбасада „Меѓаши” не се согласува со одлуката на Уставниот суд да расправа за измените на Законот за помилување.
Од „Меѓаши“ апелираат до Уставниот суд да ја преиспита Иницијативата и алармираат за опасностите кои би можеле да настанат со можноста и педофили да бидат помилувани.
„Изненадени сме од ваквата одлука на Уставниот суд да расправа за овој Закон каде што децидно е пропишано дека помилување не може да се даде за кривични дела против половата слобода и половиот морал сторени спрема деца и малолетни лица, од Глава деветнаесетта од Кривичниот законик. Доколку се изгласа таквата одлука, во иднина би можеле да се помилуваат и педофилите, кои во најголем број случаи го повторуваат делото. Тоа не треба да се дозволи. На тој начин и институциите би биле соучесници“, истакнуваат од „Меѓаши“.
Уставниот суд вчера поведе постапка за оценување на уставноста на Законот за изменување и дополнување на Законот за помилување.
Во членот 1 од овој Закон се пропишува дека помилување не може да се даде на лица осудени за кривични дела против изборите и гласањето, од Глава шеснаесетта од Кривичниот законик; за кривични дела против половата слобода и половиот морал сторени спрема деца и малолетни лица, од Глава деветнаесетта од Кривичниот законик; за кривични дела против здравјето на луѓето, од Глава дваесет и прва; за кривично дело неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори, од членoт 215 и за кривично дело овозможување на употреба на наркотични дроги од членoт 216 и за кривични дела против човечноста и меѓународното право, од Глава триесет и четврта од Кривичниот законик.
M.В