/ Прочитано:

868

Милениците во Франција добија поголеми права и законска заштита – и животните имаат чувства

Четврток, 24 април 2014 – Благодарение на петицијата што ја потпишаа повеќе од 700.000 лица, домашните миленици во Франција повеќе не се сметаат за имот, објавува Petsportal.

Стотици години кучињата, мачките и другите животни биле правно поистоветени до предмети. Законот од 1804 година, кој до неодамна беше на сила, пропишуваше дека милениците се „подвижен имот“, статус каков што сѐ уште имаат милениците во САД. Љубителите на животни во Франција се изборија да се промени законот, па кучињата и мачките добија поголеми права и подобра правна заштита.

Реха Хутин, претседателка на организацијата за заштита на животни што ја поднесе иницијативата, вели дека е бесмислено да се поистоветат живи суштества, на пример, со парчиња мебел.

Парламентот ја уважи желбата на големиот број потписници на петицијата, па се верува дека и Сенатот ќе ја одобри, по што новиот закон ќе стапи на сила.

Меѓу потписниците на петицијата е и поранешниот министер за образование на Франција, филозофот и хуманист Лик Фери, кој укажал дека животните имаат чувства и дека стариот закон е апсурден.

„Никој никогаш не измачувал ѕиден часовник. Животните страдаат, имаат чувства… Ова не е само промена на нивниот правен статус, туку практична мерка за заштита на животните од потенцијална суровост – рекол Фери.

Законот донесува уште некои новини, меѓу кои е и одлуката сопственикот на миленици да може да остави наследство, но и регулатива што одредува кој од сопружниците го добива миленикот во случај на развод.