/ Прочитано:

1.075

Тодоров: Го раскинав договорот со „Висарис“ поради нарушување на начелото на совесност и чесност

Четврток, 30 јануари 2014 – Договорот со фирмата „Висарис“  го раскинав, одговори министерот за здравство, Никола Тодоров денеска како одговор на пратеничкото прашање поставено на собраниска седница. 

Како што кажа министерот за здравство, Никола Тодоров, одговарајќи на пратеничко прашање на пратеникот Оливер Спасовски, сметал дека имало неетичка ситуација во договорот и затоа го раскинал.

„Јас овој договор веќе го раскинав. Меѓу другото и поради нарушување на начелото на совесност и чесност кое што е предвидено во Законот за облигациони односи. Е сега, знам што ќе речете, ќе речете ве фатија, па го раскинавте. Не, грешка! Секогаш кога ние ќе увидиме дека има определена работа која што е спротивна на нашите морални или етички вредности, ние преземаме мерки“, рече министерот Тодоров.

Исто така министерот рече дека била направена ревизија на договорот, и не било најдено ништо незаконско, не бил исплатен ниту денар на фирмата, но договорот го прекинал од морални причини.

Министерот за здравство Никола Тодоров побара од портпаролот на СДСМ Петре Шилегов да му се извини за наводите за случајот со тендерот на Клиниката за радиологија во делот кој се однесува на повлекувањето на уредничката во Сител телевизија Ивона Талевска од фирмата „Висарис“. Талевска, според Министерството за здраство, се повлекла една година пред да биде распишан тендерот, а не девет дена по неговото рапишување, како што објави СДСМ.

Претходно, Министерството за здравство на интернет страницата на министерството ја објави документацијата за тендеро за набавка на рентген апарати. Од приложената документација може да се види дека во моментот кога го добила  тендерот за набавка на рентген апаратите, посочената фирма „Висарис“ била регистрирана како Друштво со ограничена одговорност на едно лице – српскиот државјанин Марко Петровиќ и дека тогаш немала сопственичка поврзаност со уредничката на Сител и Вечер Ивона Талевска.