/ Прочитано:

1.082

Министерство за правда: „Решен e проблемот на граѓаните кои не беа запишани во матичните книги“

Вторник, 3 март 2015 – Министерот за правда Аднан Јашари денеска за првпат потпиша  Одлука за регистрирање на две лица  кои  за 18, односно 17 години  не биле никогаш евидентирани во ниту една матична книга на родените, информираа од Министерството.

„Постапката по жалба  против  заклучокот  на  Управата за водење со матичните книги, со образложение дека  не постојат податоци за мајката, е   усвоена. Одлуката на министерот  наложува Управата за водење на матичните книги   да ги регистрира овие две лица“, се вели во соопштението на Министерството.

Оттаму истакнуваат дека во процедура се и други случаи за кои се чека да бидат разрешени, во согласност со соодветната постапка.

„Ова е едно постигнување  за сите лица кои досега немале можност  да го остварат своето елементарно граѓанско право,  односно правото да поседуваат лични документи. Министерството за  правда ќе придонесе  кон елиминирање на разните категории лица  кои не можат да ги остварат  правата на поседување на  матични документи, како извод и други документи за идентификување“, се вели во соопштението.

Досега десетина граѓани не можеле да се регистрираат од причини  што немале анализи на ДНК, или други податоци за мајката, но отсега па натаму тие ќе можат  да се регистрираат само со податоците за таткото.

Министерството за правда ги повикува сите лица  што имаат проблеми  со уредување на документите да се обратат до подрачните одделенија на Управата за водење на матичните книги со намера да се разрешат овие проблеми што е можно побрзо.