/ Прочитано:

1.035

Министерството за здравство со правен лек против листеријата: Кривична пријава против непознат сторител

Петок, 25 јули 2014 – Министерството за здравство ќе поднесе кривична пријава против непознат сторител за пуштање во промет на производи заразени со бактеријата листерија, рече министерот за здравство Никола Тодоров.

Тодоров вели дека не е задоволен од оваа ситуација во која има негативни резултати од земените мостри, а досега четири лица починаа како последица на оваа бактерија. Бактеријата не беше најдена со испитувањата кои се правеа во Институт за јавно здравје.

„Од првичните резултати коишто ги имаме добиено од испитувањата за бактеријата листерија од мострите кои се земени резултатите се негативни. Нема изолирана бактерија од производите коишто се досега испитани. Првично бевме фокусирани на испитување на млечните производите и на производите за храна на бебиња, но исто така се направени и испитувања од некои сувомеснати производи и досега сите испитувања се негативни“, рече министерот за здравство.

 Тодоров потенцираше дека иако тоа воопшто не е надлежност на Министерството за здравство не може да прифати ситуација во која има негативни мостри, а има четири жртви.

 „Заради тоа како Министерство за здравство иако, повторувам, не сме директно надлежни за оваа проблематика, во текот на денешниот ден ќе поднесеме кривична пријава против непознат сторител за производство и пуштање во промет на штетни прехранбени и други продукти по член 213 од Кривичниот законик, а во врска со член 217 од Кривичниот законик, имајќи предвид дека има настапено смрт на едно или повеќе лица. За ова е предвидена многу сериозна казна“, потенцираше Тодоров.