/ Прочитано:

882

Младите правници ќе започнат со обезбедување бесплатна претходна правна помош за домаќинствата што претрпеа штета од поплавите

Македонското здружение на млади правници (МЗМП) ќе обезбеди бесплатна претходна правна помош за домаќинствата што претрпеа штета од поплавите од 6.8.2016 г. на територијата на Општина Гази Баба, информираат од Здружението.

akademik foto 1

Почнувајќи од понеделник, 29.8.2016 година, правниците од МЗМП ќе започнат со обезбедување бесплатна претходна правна помош, која ќе вклучува информации и совети во врска со постапката за надомест на штета предвидена со Законот за заштита и спасување на лицата од засегнатите места кои претрпеа штета од поплавите во подрачјето на Општина Гази Баба.

На 18.8.2016 година, велат од МЗМП, Центарот за управување со кризи ја прифати понудата на Македонското здружение на млади правници (МЗМП) за давање на претходна правна помош за граѓаните од поплавените подрачја и ги задолжи општините во регионите каде што е прогласена вонредна ситуација на криза да обезбедат соодветни простории каде што би се одвивала активноста.

„Тимот на МЗМП брзо и едногласно одлучи да се вклучи и да даде придонес кон побрзо и поефективно справување со штетите од поплавата од правен аспект, со ангажман на околу 25 млади правници кои ќе работат доброволно и дополнително на своите работни активности. Бројот од повеќе од 3 000 засегнати домаќинства претставува предизвик со кој правниците на МЗМП прифатија да се соочат и да им дадат поддршка на лицата кои се соочуваат со сериозните последици од поплавите. Македонското здружение на млади правници е овластено за обезбедување на бесплатна претходна правна помош, во согласност со Законот за бесплатна правна помош, а врз основа на решение на Министерството за правда на РМ бр. 11-472 од 15.6.2011 година“, истакнуваат од Македонското здружение на младите правници.

M.В