/ Прочитано:

667

МНР: Со употребата на уставното име на Република Македонија не се крши меѓународното право

Среда, 1 октомври 2014 – Министерството за надворешни работи на Република Македонија денеска преку писмено соопштение реагира на неодамнешните соопштенија на грчкото МНР кои се однесуваат на разговорите за разликата околу името што се одвиваат под покровителство на Генералниот секретар на Обединетите нации, и притоа категорички негира дека декларираната грчка позиција во разговорите за изнаоѓање решение кое се состои од име за севкупна употреба (ерга омнес) е заснована на постоечко и применливо меѓународно право како и дека користењето на уставното име на Република Македонија во наведените контексти во соопштенијата значи кршење на меѓународното право.

Во таа смисла, Министерството упатува на Резолуцијата 817 (1993) на Советот за безбедност на ОН која констатира разлика во однос на името на државата што треба да се надмине во интерес на одржување на мирни и добрососедски односи во регионот, но и предвидува на кој начин времено ќе и се обраќаат на Република Македонија во рамките на Обединетите нации. Министерството дополнително упатува и на правното толкување на Резолуцијата содржано во пресудата на Меѓународниот суд на правдата од 5 декември 2011.

„Следствено, наведенета пракса на користење на уставното име на Република Македонија, вклучително при воспоставување на дипломатски односи и обраќањето кон Република Македонија од страна на државите, на ниеден начин не претставува повреда на меѓународното право“, се вели во соопштението од Министерството за надворешни работи.

Министерството потсетува дека Меѓународниот суд на правдата во горенаведената пресуда недвосмислено се произнесе дека Грција е таа која не го почитува меѓународното право кршејќи ја својата обврска од член 11, став 1 од Времената спогодба од 1995 година да не го попречува приемот на Република Македонија во меѓународните организации и институции.

„Република Македонија ќе продолжи во духот на добрососедство да учествува, активно и со добра верба, во разговорите со Грција во рамките на процесот под покровителство на Обединетите нации, со цел што поскоро изнаоѓање на решение за разликата кое би било во согласност со принципите и нормите на меѓународното право“, се посочува во соопштението.

Во него се додава дека од друга страна, јавното декларирање на непопустливи, црвени политички линии и преговарачки позиции по правило не претставува одраз на постоење добра волја и подготвеност за демократски дијалог и спротивставување на аргументи со цел изнаоѓање решение и само укажува колку ова прашање останува детерминирано од одредени внатрешно-политички и демократски недостатоци во Грција.