/ Прочитано:

1.698

„МОНСТРУМ“ — ЗАВРШНИ ЗБОРОВИ: Обвинетите тврдат дека не се убијци, побараа ослободителна пресуда

Четврток, 5 јуни 2014 –  Обвинение базирано на претпоставки без утврден мотив, контрадикторен загрозен сведок, сомнителни вешти наоди… – ова се дел од наводите изнесени денеска во завршните зборови на одбраната во „Монструм“. Децидни во своите тврдења дека се невини, обвинетите побараа ослободителна пресуда. Одлуката на Основниот суд Скопје 1 ќе биде објавена на 18 јуни. 

Адвокатот Насер Рауфи, бранител на Алил Демири, Африм Исмаиловиќ, Агим Исмаиловиќ, Фејзи Азири и Сами Љута, завршниот збор го започна со сочувство кон семејствата на убиените, кои не беа присутни во судница.

„Петкратното убиство што се случи на 12.04.2012 во вечерните часови, во месноста викана „Смилковски езера“ ја потресе не само македонската туку и пошироката јавност. При овој навистина грозоморен и крајно нечовечки чин, животите ги загубија петте невини жртви од македонската национална припадност Цветанчо Ацевски, Кире Тричковски, Александар Накевски, Филип Славковски и Борче Стевковски“, рече Рауфи.

Во опсежните завршни зборови, бранителот се осврна во голем дел на петте искази на загрозениот сведок Е1 кои ги оквалификува како конфузни и контрадикторни.

„По однос на веродостојноста на исказот на загрозениот сведок постојат уште многу други моменти кои сигурен сум, судот ќе ги утврди при анализа и оцена на доказите, како на пример: сосем погрешните описи по однос на географката ориентација што ја дава овој загрозен сведок, поставеноста на самото лице место на обвинетите, местоположбата на ПМВ „Голф 3“ на лице местото и многу, многу други контрадикторности, нелогичности и слободно ќе кажам – чисти лаги“, рече бранителот.

Во однос на наводите на Обвинителството дека конкретно обвинетите Алил Демири , Африм и Агим Исмаиловиќ  со пиштол и автоматски пушки пукале петте жртви, Рауфи посочи дека овие тврдења не се поткрепени со никаков материјален, ниту пак вербален доказ.

„Како знае Јавното обвинителство кој какво оружје поседувал и употребил при состојба во која ниту оружјето е пронајдено, ниту  истото е вештачено, ниту е земена парафинска ракавица… па  повеќе од очигледно  е дека станува збор за една гола претпоставка“, истакна Рауфи.

Бидејќи МВР  е подносител на кривичната пријава, бранителот изрази сомнеж  и во објективноста на вештачењата што ги направило Одделението за криминалистичка техника. Посочи дека еден од клучните докази – автомобилот „Опел омега“, со кој според Обвинителството обвинетите по критичниот настан се превезувале и во кој е најдена ДНК на првообвинетот Демири, одбраната го видела само на фотографии.

„Крајно нејасно е вештачењето на ДНК профилот од обвинетиот Демири Алил од причина што билошките траги издвоени од тврдите површини од внатрешноста на возилото „Опел омега“ не потекнуваат од првообвинетиот туку од него потекнуваат биолошките траги издвоени од наслонот на задното седиште што е всушност единствениот дел од внатрешноста на возилото кои се монтира односно демонтира а пак немавме можност како одбрана да провериме дали наслонот на седиштето имал или, пак, немал навлака“, нагласи Рауфи.

За бранителот апсурдно е и тоа што примероците од земја најдена на калниците од Опелот се совпаѓаат со примероците од земја земени од местото на убиството, со оглед, како што рече, дека возилото е најдено на речиси 20 километри од местото на убиството.

„Зборуваме за растојание кое јас лично го измерив со моето возило: тоа се точно 19,6 км или попластично кажано од овој суд, па се до Катланово. Зарем би имало тоа возило на своите калници земја од позицијата од каде што тргнало?!“, запраша тој.

Рауфи го спореше и балистичкото вештачење според кое единаесет од чаурите пронајдени кај Смилковци соодејствуват со една чаура од оружјето со кое пред неколку години е пукано на фармата во Белимбегово во сопственост на обвинитиот Фејзи Азири.

Како што рече, не ја исклучува можноста дека иста автоматска пушка е употребена и на фармата во Белимбегово и на Смилковскоото езеро, меѓутоа, нагласи, овој податок според него воопшто не го лоцира лицието што истото ја употребило.

За сведоците на обвинителствототројцата рибари кои за време на масакрот биле на Смилковското езеро, бранителот посочи дека нивните искази идат во прилог на обвинетите бидејќи меѓу нив не го препознале лицето кое им  заканило дека ќе ги убие ако не се вратат на местото од каде што тргнале.

Во врска со видео материјалите со радикално екстремистичка содржина пронајдени во запленетите компјутери на обвинетите, бранителот наведе дека тие немаат никаква врска со кривичното дело и дека тие видеа се достапни секому на Интернет.

Рауфи меѓу другото посочи дека преку преку неумесни изјави на политичари и непрофесионалност од страна на дел од медиумите кои ги етикетирале обвинетите како „убијци“ и „монструми“ била нарушена нивната пресумпција на невиност.

 Финишираше истакнувајќи дека нема директни очевидци на егзекуцијата, како и вербален доказ за наводниот договор меѓу осомничените за извршување на убиство, со што, како што рече, целиот обвинителен акт во недостиг на докази се базира на претпоставки.

„Ќе завршам со една стара латинска правна изрека од познатиот правник Публилиј Сиријски а која гласи:  Non facile de innocente crimen fingitur  или во превод: Не е лесно на невин човек да му се измисли вина!“, подвлече адвокатот Насер Рауфи

Адвокатот Ѓорѓи Настески, исто така наведе дека од изведените докази не се утврдило дека обвинетите сториле кривично дело тероризам. Според него обвинетиот Хаки Азири, кој најпрвин беше заштитен сведок, а потоa го изгуби овој статус и стана шестообвинет бил присилен од полицијата да ги потврди наводите на Обвинителството.

„Тој  објасни дека 7 дена бил изолиран и под контрола од полицијата. Изјавата ја дал поради страв за негова ликвидација, како и ликвидација на неговото семејство“, рече Настески.

Според бранителот од ниту еден доказ не се докажало дека Азири им помогнал на првообвинетите Демири и Исмаиловиќ, на чија екстрадиција се’ уште се чека,  да побегнат во Косово.

Митко Солаков, бранител на Сејди Рами во својот завршен збор истакна дека не се докажало дека овој обвинет бил логистичка поддршка.

„Ценам дека мојот клиент ја зборува вистината. Триесет години ја работам оваа професија и цврсто сум убеден дека се работи за невин човек, да имав смо еден процент сомнеж јас немаше да го бранам“, потенцираше бранителот.

Според Солаков крунски доказ за Рами претставува исказ на еден од сведоците на одбраната преку кој се потврдува алибито на обвинетиот. Тој исто така ги посочи телфонските повици, според кои, како што рече,  обвинетиот на денот и во време на убиството контактирал со споменатиот сведок во врска со продажба на возило.

„Очекувам Судот да донесе ослободителна пресуда поради недостиг на докази“, рече Солаков.

И адвокатот Асмир Алиспаиќ во својот завршен збор наведе дека не се докажало кривичното дело ниту со материјалните, ниту со вербалните докази и побара ослободителна пресуда.

Агим Исмаиловиќ: Се колнам во Господ дека јас не сум го сторил кривичното дело

„Ги отфрлам сите обвинувања, не се чувствувам виновен“, рече во својот завршен збор обвинетиот Агим Исмаиловиќ.

Тој се осврна на телефонските повици од кои, според него, спротивно на наводите на Обвинителството, се докажувало дека за време на критичниот настана неговиот телефон бил вклучен, а не исклучен.

Ги негираше и другите докази на Обвинителството, од кои, како што рече, не се докажало дека тој е сторител на кривичното дело тероризам. Наведе дека не потекнува од терористичко семејство, како и тоа дека досега нема сторено ниту прекршок. Истакна дека има соседи Македонци, дека и во средно училиште учел со Македонци и дека никогаш немал проблем со припадниците на другите националности.

„Се колнам во Господ дека јас, Агим Исмаиловиќ, не сум го сторил кривичното дело, ниту сум помагал во извршувањето“, рече обвинетиот.

Во однос на забелешката дека обвинетите во текот на целиот процес не изразиле сочувство кон семејствата, истакната во завршниот збор на обвинителката Гордана Гешкоска, ниту пак го осудиле петкратното убиството, рече дека немале можност да го сторат тоа бидејќи од моментот на апсењето постојано биле навредувани, оквалификувани од медиумите како убијци и малтретирани полицијата.

„Изразувам длабоко сочувство до семејствата, но јас не сум извршител на кривичното дело“, рече Исмаиловиќ.

Фејзи Азири: Судскиот процес е целосно монтиран

„Судскиот процес за мене е целосно монтиран, од почетокот до крајот“, потенцираше обвинетиот Фејзи Ајзири додавајќи дека не бил инволвиран во никакво убиство.

ОД ЛЕВО КОН ДЕСНО: Фејзи Азири, Хаки Азири и Сејди Рами

Во текот на процесот, како што рече, биле испитани многу сведоци кои прецизно го потврдиле неговиот исказ, како и неговото движење за време на критичниот настан.

Според обвинетиот, картографската мапа од Смилковското езеро најдена во неговиот компјутер која Обвинителството ја посочува како доказ, всушност е катастарска скица која ја поседува со оглед дека има концесија на дел од земјиште кај Смилковското езеро.

Истакна дека често соработува со Македонци и дека тој не е лицето кое се бара.

Азири во својот завршен збор, меѓу другото тврдеше дека тој и другите обвинети биле физички и психички малтретирани од полицијата по налог на Обвинителството.

„Сметам дека Обвинителството дало наредба да не’ измачуваат“, рече обвинетиот.

„И првиот пат, во истражна постапка го осудив настанот и сега го осудувам. Не се чувствувам виновен и многу сум револтиран бидејќи никогаш не сум ни замислувал дека ќе ме посочуваат во електронските и пишаните медиуми како терорист и убиец. Амбасадата на САД ми даде благодарница, а тие не даваат благодарници на терористи, напротив, ги ставаат на црна листа, а јас сум на нивната бела листа. Револтот на семејството го разбирам, ги изгубиле најблиските!“, додаде Азири.

Сејди Рами: Да бев јас инволвиран во убиството, ќе потпишев согласност да ме обесите 

„Јас сум невин и категорично го отфрлам обвинението“, рече во својот завршен збор обвинетиот Сејди Рами.

Според него, од базните станици се потврдува дека за време на критичниот настан бил во својата механичарска работилница. Неговите движења во тој период, како што рече, ги поткрепиле и сведоците на одбраната.

Во однос на песната најдена во неговиот мобилен телефон, во која музичка група од Прешево рапува повикувајќи на војна против македонскиот народ и во која преовладува национална и верска омраза, обвинетиот наведе дека и самиот е љубител на рап музика и дека срамно е истата да се користи како доказ против него.

„Да бев јас инволвиран во убиството ќе потпишев согласност – не да ме осудите, туку да ме обесите на плоштад“, подвлече Рами.

Хаки Азири: Исказот во истражна постапка го дадов под присила

Азири, кој првично се водеше како заштитен сведок кој ги потврдува наводите на Обвинителството, а потоа како шестообвинет кој негира вина, како и на главен претрес и денеска во завршен збор тврдеше дека тоа го направил под присила на полицијата.

„Исказот во истражна постапка го дадов под присила, тоа не се мои зборови!“, рече тој.

Мобилниот телефон, како што тврди, за време на критичниот настан му бил исклучен бидејќи не отишол на работа.

Во однос на радикално исламистичката содржина најдена во неговиот компјутер рече дека  има историски карактер и дека не гледа ништо спорно во неговиот интерес за истата.

„Овие снимки ако ги гледаат само терористи, Македонија може да воведе забрана да се гледаат, сепак сметам дека ова е демократска држава. Песните на арапски јазик јас не ги разбирам, само ми се допаѓа мелодијата“, рече Азири.

Се пожали дека тој и другите обвинети се предвреме осудени од медиумите и надлежните институци. Побара од судот, како што рече, да донесе аргументирана пресуда.

„Ако мислите дека ние сме извршителите на овој чин, за да се задоволи правдата – обесете на плоштад.  Ако сметате дека не сме ние виновниците, ослободете н ѐ! Казната не е ништо во споредба на товарот кој го носиме во моментов“, рече Азири.

Сами Љута: Не барам никаква милост од Судот, бидејќи не сум згрешил никому

Последнообвинетиот Сами Љута наведе дека е обвинет за дело кое нема никаква врска неговата личност.

„Сѐ уште не ми се верува дека сум обвинет за вакво кривично дело. Никогаш во животот не сум имал предрасуди, ниту пак сум чувствувал омраза кон друг етникум и друга вера“, рече Љута во својот завршен збор.

ДЕСНО: Сами Љута

Според обвинетиот, контрадикторен е исказот на загрозениот сведок.

„Сведокот вели дека сум имал долга коса и флека на лицето, а очигледно е дека тоа не е така. Вели дека ми запалил цигара, ова укажува дека е загрозен неговиот статус на заштитен сведок“, истакна обвинетиот додавајќи дека од базните станици се гледа дека пред и за време на критичниот настан не бил на Смилковското езеро.

Како и останатите обвинети и тој побара ослободителна пресуда.

 „Од овој Суд не барам никаква милост бидејќи не сум згрешил никому, ниту сум го направил кривичното дело што ми се става на товар“, заврши седмообвинетиот.

Минатата недела, своите завршни зборови ги даде и обвинителката Гордана Гешкоска, која побара максимална казна затвор за обвинетите. Според Гешковска, мотивот за грозоморното петкратно убиство кое се случи пред речиси две години, на Велики Четврток, е создавање на чувство на несигурност и страв кај граѓаните на Република Македонија. 

Првостепената судска одлука ќе биде објавена на 18 јуни во 10:00 часот. 

Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Фејзи Азири, Рами Сејди, Хаки Азири и Сами Љута се товарат за кривично дело – тероризам за кое им се заканува најмалку десет години до доживотна казна затвор. Според Обвинителството тие на на 12.04.2012, за време на Велигденските празници, со цел да влеат страв кај македонското население и да се загрози безбедноста на земјата, со вкупно 21 истрел од калашников и пиштол ги усмртиле на лице место петте рибари кои ги затекнале кај Смилковското езеро. Обвинетите Африм Исмаиловиќ и Алил Демири кои најпрвин беа во бегство, се наоѓаат во притвор на Косово поради нелегално поседување на оружје. При крајот на месец август, полицијата го уапси Сами Љута (28) под сомнение дека е дел од осомничената група осомничена за извршувањето на петкратното убиство.

Одбраната во текот на целата постапка тврдеше дека  не се докажала дека тие се виновниците, како и тоа дека се радикални исламисти.

>> Повеќе за предметот можете да прочитате тука. 

(Е. П. / pavlovskae@akademik.com.mk)