/ Прочитано:

936

МОСТ: До 11 часот излезноста на референдумот за ГТЦ е 10,29 проценти — забележани неправилности

Недела, 26 април 2015 – Според податоците добиени од ПВТ програмата (паралелно пребројување на гласовите), која претставува математичко-статистичка научна метода, одѕивот на гласачите на референдумот за зачувувањето на изгледот на ГТЦ во општина Центар до 9 часот изнесувал 2,83 отсто, до 10 часот бил 5,95 проценти, а до 11 часот бројката изнесувала 10,29 проценти, соопштуваат од граѓанската асоцијација МОСТ.

Според потврдените информации, добиени од набљудувачите и мобилните тимови на МОСТ, досега се забележани следните неправилности на гласачките места:

На ГМ 2809 на ул. „Народен фронт“ 8 гласачки ливчиња биле откинати заедно со делот кој треба да остане на кочанот и на кој се наоѓа серискиот број. ИО го запишал настанот во Дневникот за евиденција на настани, по затворањето на гласачкото место истиот ќе го внесе и во записникот, а при пребројувањето на гласовите откинатите делови ќе бидат вратени во кочанот.

Истиот настан се случил и на ГМ 2832 на ул. „Мирче Ацев“, само што во овој случај се работи за 4 ливчиња. На ГМ 2831, пак, на ул. „Ѓуро Ѓоновиќ“, се работи за 2 ливчиња од кои едното е пуштено во кутијата заедно со серискиот број, а за второто реагирал претседателот на ИО, по што делот со серискиот број бил вратен во кочанот. На истото ГМ забележано е и читање на глас на имињата на гласачите.

На ГМ 2830, исто така на ул. „Ѓуро Ѓоновиќ“, едно лице се расправало со претседателот на ИО на ова место, а расправијата продолжила и надвор од гласачкото место, по што интервернирала и полицијата и го отстранила лицето од објектот.

На ГМ 2837 на ул. „Вељко Влаховиќ“ ИО на глас ги чита имињата на гласачите, а еден гласач го напуштил параванот и со отворено гласачко ливче ги прашал членовите на ИО дали добро заокружил. ИО го посоветувал да го превитка ливчето и дека истото не треба да се покажува јавно.