/ Прочитано:

915

МВР: Фудбалер на Силекс се обидел да го намести натпреварот со Металург

Четврток, 2 јули 2015 – Министерството за внатрешни работи до ОЈО Скопје поднесе кривична пријава против С.В. (26) од Кочани, фудбалер во ФК „Силекс“ од Кратово, поради постоење основано сомнение за сторено кривично дело „неовластено давање на подароци“ по чл. 253 а ст.4 од КЗ на РМ.

„Пријавениот фудбалер на ФК Силекс од Кратово, со цел да се стекне со противправна имотна корист за себе или друг, на четворица соиграчи им понудил/ветил подарок во вид на парични средства во износ од по 1.200 евра за секој од нив, со цел на фудбалскиот натпревар кој требало да го одигра ФК Силекс со ФК Металург на 18.5.2015 година да го завршат со негативен резултат за ФК Силекс, кој резултат не би зависел од спортската игра и од правилата на спортскиот натпревар. На овој начин пријавениот го сторил кривичното дело „неовластено давање на подароци“ предвидено и казниво по чл.253-а ст.4 од КЗ на РМ

Имено, на 23.5.2015 год. МВР е известено за случај на одигран сомнителен фудбалски натпревар меѓу ФК Силекс со ФК Металург за што од страна на полициските службеници преземени се соодветни мерки и активности за негово докажување “, информираат од МВР.

По ова, како што посочуваат од МВР, на 24.5.2015 во просториите на ПС Кратово извршени се разговори со четворицата соиграчи на пријавениот, кои дале речиси идентично појаснување околу одиграниот натпревар меѓу ФК Металург и ФК Силекс, односно дека пред одигрувањето на натпреварот пријавениот им понудил по 1.200 евра за да одиграат под своите реални можности со цел да го изгубат натпреварот.

„Ваквата понуда фудбалерите не ја прифатиле и според нивно кажување одиграле максимално професионално, при што натпреварот завршил со резултат 3:1 во корист на ФК Силекс“, истакнуваат од МВР.

Според полицијата, соиграчите исто така навеле дека пријавениот контактирал со нив во три наврати поради потребата заедно да одат во Пробиштип за да остварат средба со четири лица, од кои две зборувале на македонски, а две на бугарски јазик.

„Од разговорот и од самиот настап на четирите лица, фудбалерите дошле до заклучок дека целиот проблем е во врска со одиграниот фудбалски натпревар со екипата на ФК Металург, односно едно од лицата се пожалило дека се обложувало на наведениот натпревар и изгубило околу 40.000 евра. Поради губењето на паричните средства од обложувањето, од четворицата фудбалери побарале да им исплатат 15.000 евра, а остатокот до 40.000 евра (25.000 евра) да им го исплати пријавениот. Притоа на средбата им биле упатени и сериозни закани доколку не биде извршена исплата на паричните средства“, наведуваат од МВР.

По ова, според МВР, веќе наредниот ден, кога од страна на клубот им била исплатена плата, фудбалерите им ги дале исплатените плати, по што од страна на лицата им било кажано дека тие веќе немаат никакви обврски кон нив и дека целиот проблем околу настанатата ситуација ќе го решаваат со пријавениот, кој со нив се договарал и кој гарантирал за конечниот резултат на натпреварот.

Од МВР велат дека продолжуваат да постапуваат по случајот и да работат на утврдување на идентитетот на инволвираните бугарски и наши државјани, како и на евентуалната вмешаност и на други лица.