/ Прочитано:

1.087

МВР: Загубивме четворица врвни пилоти

Петок, 11 јули 2014 – Драги Мицев, роден 1969 година во Струмица, началник-пилот на хеликоптерската единица на МВР со работен стаж од 34 години, Марјан Трајковиќ (1967), пилот-капетан со работен стаж од 37 години, Тоде Орешков (1970), воздухопловен инспектор за лиценцирање на воздухопловен персонал, пилот со работен стаж од 36 години и Иљо Лопатички (1968), командир-пилот со работен стаж од 36 години се загинатите од  хеликоптерска несреќа што синоќа околу 22 часот се случи во близина на Струмица.

Фотографија од урнатиот хеликоптер непосредно по несреќата (извор:Струмица Денес)

Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска денеска на прес-конференција посочи дека МВР загуби четворица искусни колеги кои со своето знаење, дух и професионализам оставија длабок печат врз работењето на Министерството.

„Тие беа и ќе останат пример како се сака својата земја и како се работи во полза на граѓаните. Тие беа врвот на хеликоптерската единица и најдобриот персонал кој МВР го имаше. Беа искусни и со безброј часови лет во различни услови и во различни акции“, рече Јанкулоска.

Хеликоптерот удрил во 120 метарски столб

Според првичните информации на МВР, за време на ноќниот тренажен лет, хелихоптерот со кој управувале удрил во антенски столб на Македонска Радио Дифузија висок 120 метри. 

„Станува збор за хеликоптер МИ17-V5, со регистарски ознаки МАР 7712 во сопственост на МВР на Република Македонија. Хеликоптерот летал на релација Скопје – Кавадарци – Валандово – Струмица – Берово – Делчево и обратно. Тој е редовно сервисиран и во текот на летот во кој е користена опрема за ноќна визуелизација не се пожалиле на проблеми“, изјави Јанкулоска.

Веднаш по несреќата се преземени мерки за обезбедување на местото и од страна на МВР формирана е Комисија за спроведување на истрага за несреќата составена од експерти од различни области со цел утврдување на причините за истата и информиран е Основен Јавен Обвинител од Струмица кој го спроведува увидот на лице место.

Во моментов, како што информираше Јанкулоска, се’ уште е во тек обезбедување на траги од лице место врз основа на кои со криминалистичко техничко вештачење и обезбедување на соодветни докази ќе се разјаснат причините поради кои настанала трагедијата.  При увидот на лице место, досега пронајдени се двете црни кутии и уредот за покажување правецот на летот кои ќе бидат подложени на понатамошна експертиза и вештачење. Во моментов се истражува и дали антенскиот столб во којшто удрил хеликоптерот бил соодветно обележан.

Согласно меѓународните воздухопловни процедури, известени се земјата на потекло на хеликоптерот произведен во 2008 година  и конструкциското биро.