/ Прочитано:

1.434

На судењето за убиството на Ангел од Ѓорче распитани сведоците предложени од одбраната

Понеделник, 6 април 2015  – Судењето за убиството на матурантот Ангел Петковски од населбата Ѓорче Петров продолжи со распит на сведоци предложени од одбраната.

Најпрвин зборуваше припадник полициската единица „Алфи“, кој на денот на случувањето на убиството го презел обвинетиот Насер Ештрефи од полициската станица во Ѓорче Петров и го однел во полициската станица во Кисела Вода. Одбраната инсистираше на прашањето дали Ештрефи по пат му се жалел на некакви повреди.

„Се сеќавам дека се жалеше на мачнини, дека му се лоши, но не се сеќавам дали се пожалил дека е тепан“, рече сведокот.

По ова бранителот на Ештрефи побара предочување на исказот на сведокот од истрага, во кој сведокот вели дека обвинетиот му се пожалил дека бил тепан од некои лица. Сведокот, пак, истакна дека останува на исказот од истрага, но дека е нормално дека не може точно да се сети на нечии зборови со оглед на тоа што е помината речиси една година од трагичниот настан.

Во однос на ова прашање на одбраната, која тврди дека Ештрефи всушност дејствувал во самоодбрана откако наводно бил нападнат од Ангел и од неговиот татко, приговараа обвинителот и полномошникот на оштетените. Не можејќи да ги задржи емоциите, мајката на Ангел вербално ги нападна обвинетиот и неговиот бранител, па судијата одреди петнаесетминутна пауза.

По предлог на одбраната распитан беше и сосед што живее спроти семејството Петковски, но тој не кажа ништо ново во однос на случајот. Како што рече, за трагичниот настан дознал од своите ќерки.

Во улога на сведок, на денешното рочиште зборуваше и вработен во МВР кој вршел увид на местото на настанот. Посочи дека забележал траги од крв меѓу две куќи, но дека примероците понатаму се дадени на анализа на ДНК. Потврди дека при увидот во автомобилот на Сашо Петковски се најдени стап, косир и дуксер, што веќе беа изведени на минатото рочиште.

Според зборовите на Сашо Петковски, тој и Ангел не биле вооружени кога го пресретнале Ештрефи на насипот покрај Вардар. Тој тврди дека откако Ештрефи замавнал со нож кон Ангел, нанесувајќи му ја притоа смртоносна рана, неколку пати го удрил обвинетиот со стапот кој го нашол на самото место. Иако теренот околу местото на трагичниот настан беше детално пребаруван од полицијата, клучниот доказ, ножот со кое е извршено убиството, сè уште не е најден.

Главната расправа во фаза на доказна постапка ќе продолжи на 22 април. На едно од следните рочишта се очекува да биде презентирано и псхијатриско вештачење на обвинетиот по предлог на одбраната, откако денеска  судскиот совет прифати две лица од ЈЗУ „Скопје“ да изработат наод и мислење за психичката состојба на Ештрефи. Според вештачењето на Обвинителството, пак, кое веќе беше презентирано во судница, Ештрефи бил пресметлив и свесно дејствувал за време на трагичниот настан. 

Обвинителството го гони Насер Ештрефи за убиство со умисла. Според обвинението, во мај минатата година, тој откако го украл велосипедот од дворот на семејството Петковски, при што бил забележан од таткото на Ангел, побегнал кон мостот кој води кон Сарај. „На патеката на насипот го пречекале таткото на сега покојниот кој го блокирал патот обвинетиот да не побегне кон мостот и Ангел кој го блокирал патот во правец спрема течението на реката Вардар. Обвинетиот извадил нож со едностран сечивен дел и замавнал два пати кон Ангел нанесувајќи му убодна рана на десната страна на градниот кош. Обвинетиот потоа бил нападнат од страна на таткото на сега покојниот со дрвен стап и му биле нанесени телесни повреди, по што успеал да избега“, се вели во обвинението. Залудни биле обидите за помош пред Очната клиника, поради обилно внатрешно и надворешно искрварување и развиток на хеморагичен шок, Ангел починал на самите скали од болницата.

Ештрефи,  на самиот почеток на судењето, призна дека го украл велосипедот, но негираше вина за убиство со усмила. Судот, кој ја раздвои постапката за овие две дела, го осуди на условна казна за кражбата, по за тоа моментно му се суди само во однос на обвинението за убиство. Според одбраната, станува збор за нужна одбрана, а не убиство со умисла.

Судскиот процес се води по новиот ЗКП.

>> ВО ПРОДОЛЖЕНИЕ НА ДОКАЗНАТА ПОСТАПКА ЗА УБИСТВОТО ВО ЃОРЧЕ: Снимки од болницата пред која Ангел почина

>> ВЕШТАЦИ ОД СУДСКА МЕДИЦИНА ЗА УБИСТВОТО ВО ЃОРЧЕ: Убодната рана во градниот кош била смртоносна за Ангел

>> Обвинетиот за убиството во Ѓорче бил пресметлив и свесно дејствувал, тврди вештакот предложен од Обвинителството

>> СВЕДОЦИТЕ ЗА УБИСTВОТО ВО ЃОРЧЕ: „Мислам дека пријавив во полиција дека двајца тепаат еден, но тоа не е точно“

>> СУДОТ ЈА РАЗДВОИ ПОСТАПКАТА ЗА УБИСТВОТО НА АНГЕЛ ОД ЃОРЧЕ: Условна казна за кражбата, се кршат копјата за делото убиство 

E. П. / pavlovskae@akademik.com.mk