/Прочитано:

36

Најавена нова регулатива за високо ниво на безбедност на информациските системи

Новата регулатива беше најавена на Панел-дискусија на тема: „Политики за сајбер безбедност – транспонирање на Директивата 2016/1148 на ЕУ, за обезбедување на високо ниво на безбедност на мрежи и информациски системи“.

„Оваа јавна расправа е првиот чекор кој го правиме и кој треба да ни ја отвори соработката на нас како државни институции, компаниите и целото општество. Потребно е да го размениме знаењето, да ги изградиме капацитетите и да ја подигнеме свеста за информациската безбедност. Како земја кандидат за членство во ЕУ, Македонија има обврска да го хармонизира своето национално законодавство со европското. Потребно е донесување нов Закон за обезбедување на високо ниво на безбедност на мрежите и информациските системи, утврдување на листата на клучни оператори, поставување законска обврска за тие да преземат мерки за управување со ризиците за безбедноста на нивните мрежи и системи“, истакна на панел дискусијата министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски.

„Различните институции кои мора да се подготват за зајакнување на сајбер безбедноста на Република Македонија веќе се договорија дека заеднички ќе настапуваат и нема да го гледаат прашањето за сајбер безбедноста како секторско прашање со кое секој се занимава од своја страна. Министерствата за одбрана, за информатичко општество и администрација и за внатрешни работи веќе ги формираа заедничките тимови чија задача ќе биде во сојузништво со НАТО и ЕУ да продуцираат Стратегија за сајбер одбрана, за која најавуваме и силно партнерство со бизнис секторот и со академскиот и граѓанскиот сектор“, истакна на настанот министерката за одбрана на Република Македонија, Радмила Шекеринска.

На дебатата беше нагласено дека партнерството со бизнис секторот е особено важно, имајќи предвид дека државната администрација тешко продуцира кадри, и дека тешко ги задржува.

M.В