/ Прочитано:

1.591

Најчести прашања во врска со барањето за добивање согласност од Советот за јавни набавки

За решавање на барањата за добивање согласност, предвидени со Законот за јавни набавки и со други закони, одлучува Советот за јавни набавки. Целта за формирање на Советот е да се воведе нов механизам на контрола пред започнување на постапката, и тоа на оние аспекти од постапката кои се најподложни на злоупотреби, а тоа е дефинирањето на техничките спецификации, како и на критериумите за утврдување способност, велат од Бирото за јавни набавки, кое ја објави и публикацијата посветена на прашањето за согласноста од Советот за јавни набавки. Најчесто поставуваните прашања во врска со барањето за добивање согласност од Советот за јавни набавки се составен дел на оваа публикација.

akademik foto 1

Дали е потребна согласност од Советот за јавни набавки доколку огласот се објавува во категоријата „Други огласи“?

Доколку се работи за договор за набавка на услугите кои се наведени во членот 17 став 1 алинеја 2 од Законот за јавните набавки, познати како неприоритетни услуги, огласот се објавува во делот „Други огласи”. Одредбите за добивање согласности од Советот за јавни набавки не се применуваат за услугите од членот 17 став 1 алинеја 2 од Законот со оглед на фактот дека за овие услуги е пропишан полиберален режим за набавка. Следствено на тоа, одлуката на договорниот орган за тоа на кој начин ќе ја спроведе постапката за доделување на договор за јавна набавка и бараните документи кои ќе послужат за утврдување на способноста на понудувачите треба да зависи од тоа дали на тој начин поблиску и поцелосно ќе се запазат принципите определени со членот 2 од Законот, со оглед на специфичноста на предметот на набавка, потребата од запознавање на јавноста со потребата за набавка, недискриминирањето на економските оператори и друго. Доколку договорниот орган утврдил дека станува збор за неприоритетни услуги, а се определи, односно се избере некоја од редовните постапки, во тој случај ќе мора да ги почитува сите процедурални правила пропишани со Законот, вклучително и одредбите за добивање согласности од Советот за јавни набавки.

Договорниот орган Х објавил оглас за доделување на договор за јавна набавка со барање за прибирање на понуди и за него има добиено согласност од Советот за јавни набавки. Во самиот оглас направена е техничка грешка на тој начин што не е штиклирано дека предметот на набавката е делив, а набавката се состои од 4 дела. Комисијата оваа грешка не ја забележала сè до моментот на креирање на е-аукција. Прашањето е дали за натамошно продолжување на постапката, по поништување на стариот оглас, за објавување на нов оглас може да се смета на веќе добиената согласност од Советот за јавни набавки, при што се напоменува дека добиената согласност се однесува за делива набавка и во тендерската документација нема да се прават никакви измени.

Во согласност со членот 3 од Законот за изменување и дополнување на Законот за јавните набавки (Службен весник на Република Македонија бр. 78/15), договорниот орган нема обврска да бара соодветна согласност од Советот за јавни набавки во случај кога повторува постапка во истата фискална година за која претходно добил согласност и која завршила со одлука за поништување на постапката, според истите услови што биле предмет на согласност од Советот. Со оглед на тоа, во овој случај договорниот орган може да ја искористи веќе добиената согласност при спроведување на новата постапка

Дали е потребна согласност од Советот за јавни набавки при спроведување на постапка со преговарање без објавување на оглас за набавка на непредвидени работи?

Во согласност со членот 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за јавните набавки (Службен весник на Република Македонија бр. 78/15), за спроведување на постапка со преговарање без објавување на оглас за непредвидени работи НЕ е потребна претходна согласност од Советот за јавни набавки.

По решение за согласност од Советот за јавни набавки, спроведена е постапка за набавка на стоки со проценета вредност до 5 000 евра. Во согласност со членот 27 став 2 од ЗЈН, потребно е договорниот орган да спроведе постапка за истите стоки со вредност до 20 000 евра. Имајќи предвид дека во техничките спецификации се додаваат неколку нови позиции, опишани на начин за кој веќе е добиена согласност, дали и во овој случај е потребно да се бара согласност од Советот за јавни набавки?

Одговор: Во согласност со членот 27 став 2 од Законот, во случај на потреба од набавка за која веќе е спроведена постапката за доделување договор за јавна набавка во тековната година, а која не можела да се предвиди во моментот на нејзиното спроведување, договорниот орган ја зема предвид вкупната проценета вредност на соодветната потреба при избор на видот на постапка. Со оглед на наведеното, договорниот оган во случајот наведен во ставот 2 од членот 27 го избира видот на постапка која планира да ја спроведе, со која ќе ги набави дополнителните стоки кои не биле предвидени, а за кои е веќе спроведена постапка. Според тоа, договорниот орган спроведува нова постапка од почеток, при што се утврдува потребата за барање на согласност од Советот за јавни набавки, во согласност со наведениот член 36-а став 1 од Законот. Во согласност со наведеното, доколку не е исполнет условот од членот 36-а став 1 од Законот за јавните набавки, потребно е да се побара согласност од Советот за јавни набавки.

 Дали е потребна согласност од Советот во случај кога договорниот орган спроведува постапка со барање за прибирање понуди до 5 000 евра во согласност со членот 100 од ЗЈН која ќе заврши со склучување на рамковна спогодба со еден економски оператор во согласност со членот 115 и 117 од ЗЈН?

Во согласност со членот 36-б став 1 од Законот за јавните набавки, договорниот орган задолжително бара согласност од Советот пред да го објави огласот за јавна набавка кој ќе заврши со доделување рамковна спогодба и доставува соодветно образложение за потребата од набавка за која нема најмалку седум производители, даватели на услуги или изведувачи на работи на пазарот во Република Македонија и седум производители, даватели на услуги или изведувачи на работи на пазарите во странство што можат да ги исполнат барањата од техничките спецификации за поединечен дел. Со оглед на наведеното, доколку не се обезбеди доказ дека постојат седум производители, даватели на услуги или изведувачи на работи во РМ и седум производители, даватели на услуги или изведувачи на работи во странство кои можат да ги исполнат барањата од техничките спецификации, потребно е да се побара согласност од Советот за јавни набавки, во согласност со горенаведениот став. Исто така, потребно е да се има предвид и членот 118 став 2 од Законот, во кој е наведено дека договорниот орган може да склучи рамковна спогодба со помалку од седум економски оператори само по претходна согласност од Советот.

Колкаво времетраење на важност има согласноста добиена од Советот за јавни набавки. На пр., ако согласноста е добиена во октомври 2015 година, дали може огласот за конкретната јавна набавка да се објави во април 2016 год.?

Договорниот орган во согласност со членот 26 став 1 од Законот, врз основа на утврдените извори за финансирање, донесува план за своите вкупни потреби за набавки во тековната година. Во четвртата колона од годишниот план за јавни набавки во согласност со членот 3 став 5 од Правилникот за формата, содржината како и начинот на изготвување на годишниот план за јавни набавки, се наведува очекуваниот почеток на постапката, односно месецот кога ќе се објави огласот и ќе се поканат економските оператори да учествуваат во постапката. Воедно, постапката за доделување договор за јавна набавка во согласност со членот 54 став 4 од Законот, започнува со објавувањето на огласот, односно со испраќањето на поканата за доставување понуда кај постапката со преговарање без објавување на оглас. Во согласност со одредбите од Законот, договорните органи согласностите по разни основи ги бараат од Советот, пред објавување на огласот и пред отпочнување на постапката за доделување на договор за јавна набавка. Па така, нејасно е зошто договорниот орган би иницирал отпочнување на постапка за доделување на договор за јавна набавка и би ја прибавил потребната согласност ако не ја започне во периодот кој бил наведен во планот за јавни набавки. Не треба да се заборави дека во согласност со Законот од клучно значење е и потребата од планирање на потребните финансиски средства за реализација на потребата од набавка. Ова е особено значајно од аспект на финансиската дисциплина и потребата договорните органи да преземаат финансиски обврски само доколку имаат средства за нивна реализација. Дискутабилно е и прашањето зошто доколку договорниот орган одредена потреба за набавка планирал да ја задоволи во текот на една календарска година (одреден месец или квартал), би ја префрлил во наредната. Дали тоа значи дека во годината во која потребата ја предвидел реално не се јавила? Доколку е така, зошто ја предвидел? Следствено на изнесеново, а имајќи ги предвид погоренаведените одредби сметаме дека иако „добиената согласност од Советот“ не е временски ограничена, дискутабилно би било нејзиното искористување дури по истекот на пет и повеќе месеци, пред сè, од аспект на потребата (истата постоела во октомври 2015, односно набавката требало да ги задоволи потребите кои договорниот орган ги имал во 2015), како и планираните финансиски средства за нејзина реализација (средства кои најверојатно биле обезбедени со Буџетот за 2015). Истовремено, договорниот орган треба да го задржи континуитетот во извршување на секоја активност која се презема со цел склучување на договор за јавна набавка. И тоа, почнувајќи од планирањето, преку подготвителните активности, добивање на согласност, спроведување на постапката за доделување на договор за јавната набавка и негово доделување и склучување. Договорниот орган треба секоја активност да ја врши во разумен рок и да не прави непотребни и неоправдани одложувања на следната активност. Па така, откако договорниот орган ќе добие решение со кое се дава согласност, должен е во најкус можен рок да постапи по забелешките на Советот (доколку се дадени) и да го објави огласот, односно да не прави непотребни одложувања, особено имајќи го предвид фактот дека тендерските документации ја презентираат постојната состојба на пазарот и секое одложување може да доведе до неусогласеност помеѓу барањата наведени во тендерската документација и условите на пазарот.

Дали договорниот орган треба да набавка во случај кога ја користи стандардната тендерска документација?

Истражувањето на пазарот, кое во согласност со членот 36 го вршат  лицата што ги дефинирале техничките спецификации и критериумите за утврдување способност, е во функција на утврдување дали обезбедуваат фер конкуренција и даваат простор на поголем број  економски оператори (независно од каде доаѓаат и какви производи нудат) да поднесат прифатливи понуди или не обезбедуваат така дефинираните спецификации/критериуми. Договорните органи не се должни да спроведат истражување на пазарот, во смисла на членот 36 став 3 и 4 од Законот. Имено, користењето на стандардната тендерска документација предложена од Советот, а донесена од страна на министерот за финансии, подразбира дека е изготвена на начин кој ќе ја поттикне конкуренцијата и кој ќе им овозможи на поголем број оператори да поднесат прифатливи понуди. Сепак, останува препораката за истражување на пазарот пред подготовката на планот за јавни набавки. Исто така, треба да се доставува извештај до одговорното лице, во кој треба да се наведе потребата од обезбедување согласност од Советот.

 Добиена е согласност од Советот за јавни набавки на 25.12.2015 година. Дали согласноста важи и дали можеме да ја спроведеме постапката во 2016 година, а за предметната набавка се предвидени средства и во финансискиот план за 2016 година?

Да. За постапките за кои е добиена согласност на 25, 28, 29 или 30 декември 2015, може да се објави оглас за доделување на договор во јануари 2016 година, односно истово се однесува за вакви гранични ситуации кога реално не е можно да се објави огласот. Доколку постапката се поништи според членот 169 од Законот, при нејзино повторување нема да може да се искористи согласноста издадена во 2015 година, без оглед што не се менува ништо од она за што е издадена согласноста.

Броушурата за согласноста од Советот за јавни набавки

М.В