/ Прочитано:

2.289

НАЈВПЕЧАТЛИВИОТ ЕФЕКТ ОД ПРЕСУДИТЕ НА СТРАЗБУР: Повторувањето на домашните парнични и кривични постапки

Денеска во Академијата за судии и јавни обвинители се одржа советување на тема: „Повторување на домашни парнични и кривични постапки по добиени пресуди на ЕСЧП во кои е констатирана повреда“.

akad 4

Пред присутните судии, темите на советувањето ги изложија м-р Даница Џонова од Бирото за застапување на Република Македонија пред ЕСЧП и д-р Воислав Стојановски од Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија. На советувањето се даде детален преглед на постапката за извршување на одлуките на ЕСЧП, механизмите за следење на процесот на извршување на одлуките пред Комитетот на министри на Советот на Европа, како и националните механизми за извршување на одлуките на ЕСЧП.

Во таа насока, се стави посебен акцент на повторувањето на постапката како индивидуална мерка за извршување на пресудите, законската рамка и праксата на државите членки на Советот на Европа, потоа праксата на ЕСЧП и на судовите во Република Македонија во поглед на повторувањето на домашните постапки по донесена пресуда на судот во Стразбур.

akad 4

Целта на советувањето беше да им се укаже на националните судии на потребата од ефикасно извршување на пресудите, особено во однос на потребата од повторување на домашните постапки по донесена пресуда на ЕСЧП со која е констатирана повреда, како и на можните ефекти од постапувањето и одлучувањето на домашните судови по предлогот за повторување на постапката и текот на евентуално повторената постапка.

Стојановски и Џонова поконкретно се осврнаа и на проблемите и предизвиците во повторувањето на домашните граѓански, кривични и управни постапки во Република Македонија, како и на самото извршување на пресудите на Европскиот суд за човекови права и повторувањето на домашната постапка како индивидуална мерка за извршување.

akad 4

Акцентирајќи го тоа дека некои теоретичари го нарекуваат Европскиот суд за човековите права „Уставен суд“ на Европа, д-р Воислав Стојановски во своето излагање посочи дека е обврска на државите да ги извршуваат пресудите, со што се овозможува реализирање на повеќе цели на таквата пракса. Со извршувањето на пресудите, се исполнуваат премисите на владеењето на правото и на демократски вредности, се обезбедува меѓународниот углед на државата. Преку извршувањето на овие пресуди често доаѓа до измени на регулативата заради превенирање на нови повреди, а исто така доаѓа до намалување на нови жалби.

Во Европската конвенција за човековите права се пропишува обврска за почитување на правата на човекот и задолжително извршување на пресудите. Секој човек чии права и слободи, признати со оваа Конвенција, се нарушени, има право на жалба пред националните власти, дури и тогаш кога повредата на овие права и слободи ја сториле лица при вршење на службената должност.

akad 4

„Ако оцени дека постои повреда на Конвенцијата или на нејзините протоколи и ако внатрешното право на заинтересираната висока страна договорничка овозможува само делумно отстранување на последиците на таа повреда, Судот ѝ дава на оштетената страна, доколку е потребно, правично задоволување“, истакна Стојановски, укажувајќи на членот 41 од Европската конвенција.

Стојановски потенцираше дека е погрешно мислењето дека ЕСЧП е еден степен над домашните судови и не значи дека е извршена пресудата со тоа што државата ќе исплати паричен надомест. Тој нагласи дека прашањето за повторувањето на домашната постапка е од особено значење.

„Повторувањето на домашната постапка е највпечатливиот ефект на пресудите на ЕСЧП и најблизу до restitution in integrum“, подвлече Стојановски, додавајќи дека тоа не секогаш е возможно и препорачливо.

akad 4

Можноста за повторувањето на постапката создава дилеми и на пошироко европско ниво. Во кои области треба да биде возможно, кој може да поднесе барање, во кои временски рокови, што со оштетените, што со слични предмети за кои нема пресуда на ЕСЧП, прашањето за res judicata, ослободување на осуденото лице за време на повторувањето на постапката, се серијата прашања кои се наметнуваат низ праксата.

„Некои држави, како што е и нашата, овие прашања ги решаваат преку домашното законодавство. Има мал број држави во кои повторувањето на постапката не постои како правен лек“, рече Стојановски.

Со нашето законодавство повторувањето на постапката е возможно и тоа е регулирано во Законот за кривичната постапка, во Законот за парничната постапка и во Законот за управните спорови.

Во ЗКП, во членот 449, се пропишува дека кривичната постапка завршена со правосилна пресуда може да се повтори во корист на осудениот ако со правосилна одлука на Европскиот суд за човековите права се утврди повреда на човековите права и основни слободи во текот на постапката.

Во ЗПП тоа е уредено во членот 400, во кој се пропишува дека кога Европскиот суд за човекови права ќе утврди повреда на некое човеково право или на основните слободи предвидени во Европската конвенција за заштита на основните човекови права и слободи и во дополнителните протоколи на Конвенцијата, кои Република Македонија ги ратификувала, странката, во рок од 30 дена од конечноста на пресудата на Европскиот суд за човекови права, може да поднесе барање до судот во Република Македонија, кој судел во прв степен во постапката во која е донесена одлуката со која е повредено некое од човековите права или основните слободи, за измена на одлуката со која тоа право или основна слобода е повредена.

Во повторувањето на постапката судовите се должни да ги почитуваат правните ставови изразени во конечната пресуда на Европскиот суд за човекови права со која е утврдена повреда на основните човекови права и слободи.

Во членот 43 од Законот за управните спорови се пропишува дека постапката што завршила со пресуда или со решение ќе се повтори на барање на странката по одлука на Европскиот суд за човекови права.

На настанот се анализираше и прашањето за извршување на одлуките на ЕСЧП, од аспект на домашното и конвенциското право. М-р Даница Џонова посочи дека со Законот за извршување на одлуките ЕСЧП се уредува постапката за извршувањето на одлуките на овој суд, донесени по предметите против Република Македонија, како и други прашања кои се однесуваат на извршувањето на одлуките на Европскиот суд за човекови права.

Извршувањето на одлуките на Судот се обезбедува со исплата на досудените средства на жалителите како правична отштета и усвојување и преземање на поединечни и општи мерки заради отстранување на повредата и последиците што настанале од неа, како и на причините што довеле до поднесување жалби пред Судот и соодветно спречување исти или слични повреди.

akad 4

Извршувањето на одлуките на Судот, во согласност со Европската конвенција за заштита на човековите права и основните слободи е задолжително за Република Македонија.

Посочувајќи на членот 46 од Европската конвенција за заштита на човековите права и основните слободи, Џонова истакна дека според оваа Конвенција, високите страни договорнички се обврзуваат да се придржуваат кон конечните пресуди на Судот во споровите во кои се странки.  Конечната пресуда на Судот му се доставува на Комитетот на министрите којшто го надгледува нејзиното извршување. Доколку Комитетот на министрите смета дека надгледувањето на извршувањето на конечната пресуда е спречено поради проблем во толкувањето на пресудата, прашањето може да го упати до Судот за одлука по прашање на толкувањето.

 akad 4

Џонова елаборираше повеќе судски примери од Македонија, во однос на прашањето за повторувањето на постапката, притоа образложувајќи на кои аспекти  треба внимаваат домашните судиите и како да ги применат.

„Повторувањето е возможно при процедуралните гаранции кои произлегуваат од членот 6 од Конвенцијата, освен правото на судење во разумен рок. Од примерите што ги презентирав, воочливо е дека Европскиот суд за човековите права најчесто и редовно упатува кога одлучува за надоместокот на штета“, нагласи Џонова.

M.В