/Прочитано:

161

НАРОДЕН ПРАВОБРАНИТЕЛ: Судската администрација со право се чувствува дискриминирано поради нееднаквата распределба на средствата за судската власт

Народниот правобранител ќе го следи случајот и ќе подготви посебен извештај кој ќе биде доставен и до предлагачите на Буџетот на РМ за решавање на проблемите на судската служба.

Штрајк на УПОЗ од 3 декември 2015

Народниот правобранител е во постојан контакт со Синдикатот на УПОЗ и со Здружението на судска администрација во поглед на штрајкот кој тие го спроведуваат во судовите во Македонија и во врска со претставката која ја доставија до Омбудсманот за заштита од дискриминација на судските службеници.

Имено, во претставката тие наведуваат дека судските службеници, иако извршуваат слична работа со јавнообвинителските службеници и работат заедно со судиите во судовите, односно ги водат сите судски предмети, не ги добиваат истите додатоци на плата кои ги предвидел законодавецот за другите категории вработени со слични, односно со исти работни задачи.

Според Иџет Мемети, ова е поголем проблем и претставува кршење на принципот на еднаквост во јавниот сектор, кој е зацртан во Уставот. Кршењето се врши од страна на предлагачите на Буџетот на РМ и од тие кои го носат, смета народниот правобранител.

„Сметам дека постои прекршување од причина што, ако се погледне која власт колку средства користи од Буџетот, лесно може да се дојде до податок дека судската власт е под секакво ниво во однос на буџетското етаблирање, и покрај тоа што на судската власт ѝ е одвоен буџет од 0,8 % од вкупниот БДП, што не е случај во реалноста сè уште бидејќи се издвојува само 0,1 % од вкупниот Буџет поради непринципиелниот пристап при подготвување на Буџетот“, изјави Мемети.

Судскиот буџетски совет треба да креира политика како треба да се трошат парите наменети за судската власт, но и да ги обезбеди сите средства кои се пропишани со Законот, смета Мемети.

„Нашите информации се дека судската власт не ја одигрува одговорно својата улога, односно дека Судскиот совет при конципирање на буџетот во кој треба да се запази принципот за тоа колку пари се одвојуваат за судската власт не води грижа и не дава предлози за парите наменети на судската власт“, додава народниот правобранител.

Иџет Мемети, Народен правобранител

Поради тоа, лицата вработени во судските служби со право се чувствуваат дека се нееднакви и дека се дискриминирани бидејќи постојат големи дисбаланси во распределбата на средства во јавниот сектор, вели Мемети.

Народниот правобранител ќе го следи случајот и ќе подготви посебен извештај кој ќе биде доставен и до предлагачите на Буџетот на РМ за решавање на проблемите на судската служба.

Претседателот на Судскиот совет и на Судскиот буџетски совет, Зоран Караџовски, пак, вели дека тие дејствуваат во рамките на своите законски надлежности во поглед на распределбата на буџетот наменет за судската власт.

Во меѓувреме, од УПОЗ најавија дека ќе продолжи нивниот штрајк за остварување на барањето за зголемување на додатоците на плата за судската администрација.

Од УПОЗ велат дека како притисок го толкуваат писмото од Судскиот буџетски совет до претседателите на судовите, со кое им било наложено веднаш да достават списоци за тоа кои вработени штрајкуваат.

„За Синдикатот ова е обид да се направи поделба на вработените и да се заплашат дека, доколку и натаму продолжат со штрајкот, ќе добијат само 60 % од платата. Но ваквиот притисок уште повеќе ги тера да истраат во борбата за остварување на главните барања од штрајкот – зголемување на додатоците на плата и измена на Законот за судска служба“, велат од УПОЗ.

Претседателот на Судскиот совет, Зоран Караџовски, преку писмо одговори дека барањето за списоци за тоа кои вработени штрајкуваат не е притисок, туку почитување на одредбите од Законот за судска служба во кои јасно и прецизно се утврдени правата и обврските на вработените во судската служба за време на штрајк.

Зоран Караџовски, претседател на Судски совет

„Правото за учество и синдикално дејствување во време на штрајк предвидува евиденција на штрајкувачите со цел непречено организирање на работата на судот и пресметка на исплатата на плата во услови на штрајк (член 59 став 4 од Законот за судска служба), и тоа во висина од 60 проценти од платата исплатена во претходниот месец (член 77 од истиот закон). Распределбата на средствата за плати на вработените во судовите е исклучива надлежност на Судскиот буџетски совет, затоа до претседателите на судовите го испратив дописот со кој ги задолжив да ги достават списоците на вработените во судовите кои писмено се изјасниле дека учествуваат во штрајкот. Имајќи ги предвид овие факти, ме зачудува реториката на Синдикатот на УПОЗ за ‘нов однос на Судскиот буџетски совет’,  ‘закани’,  ‘казни’,  ‘двоење на вработените’,  ‘негрижа за социјалниот и економски статус на вработените’ и нарекување на Судскиот совет ‘џелат на сопствените вработени’“, вели Караџовски во писмото.

Вработените во судовите кои учествуваат во штрајкот со исплатата на плата во висина од 60 проценти нема да бидат доведени во уште потешка социјална и економска состојба бидејќи организаторот на штрајкот е обврзан да им го исплати остатокот од 40 проценти од платата, додава претседателот на Судскиот совет и вели дека го почитува правото на штрајк доколку се почитува Законот.

Тој додава дека легитимно право на секој е да ги остварува своите права кои му се гарантирани со закон, меѓу кои и правото на штрајк, но само преку целосно почитување на Законот.