/ Прочитано:

1.542

НАРОДНИОТ ПРАВОБРАНИТЕЛ: „Ги прашувам судиите – дали знаете каде ги праќате децата?“

Бројни забелешки, критики и препораки до институциите искажа денеска народниот правобранител по повод Годишниот извештај 2014 година – Национален превентивен механизам. Извештајот Народниот правобранител ќе го достави до Поткомитетот за превенција на тортура на ОН. 

Народниот правобранител упатува забелешки за полициските станици, за казнените установи, за воспитно-поправните домови, за психијатриските установи, за илегалните мигранти, притоа потенцирајќи дека е потребно суштински и реално да се постапува по нив, а не декларативно. Правобранителот искажува особено незадоволство од Министерството за здравство, кое никогаш не се потрудило да одговори на препораките и барањата на Народниот правобранител.

„Министерството за здравство ниту еднаш не одговори на критиките и на препораките во извештаите, иако досега се изработени вкупно седум“, подвлекува правобранителот.

Осврнувајќи се на состојбата во институциите во кои ја следел состојбата, правобранителот денеска препорача затворање на  28 полициски станици поради неисполнување на стандардите. Во таа насока, тој образложи дека имало појави на тортура и на други нехумани постапувања во местата за лишување од слобода. Според правобранителот, загрижувачки и противзаконски е што полициски “алфи” приведувале и носеле во полициски станици деца под 14 години.

Правобранителот потенцираше дека во затворот во Идризово стандардите се влошуваат, а во кумановскиот затвор нема услови за ресоцијализација, додека, пак, во воспитно-поправниот дом во Тетово состојбата била загрижувачка.

„Таму се затечени исклучително лоши услови во третманот на деца. Ги прашувам судиите: Дали знаете каде ги праќате децата?“ прашува Мемети.

„Во една пригода реков дека овој воспитно-поправен дом станува место каде се создаваат идни криминалци. И, навистина, деца што сме ги виделе таму на воспитна мерка, по извесно време ги среќаваме во затворите“, дoдaде тој.

Правобранителот Мемети понатаму се осврна и на состојбата во психијатриските установи, каде што има одделенија кои се под стандардите, каков што е примерот со, како што рече, т.н. судско одделение.

Мемети во однос на мигрантите рече дека ги поздравува заложбите за подобрување на нивната состојба и дека понатаму кон тоа не треба да се има само декларативен однос.

ПРЕПОРАКИ ЗА ПОЛИЦИСКИТЕ СТАНИЦИ

Во однос на препораките за полициските станици, народниот правобранител препорачува дека е потребно реновирање на просториите за задржување во полициските станици, одвојување на функцијата сменоводител од полициски службеник.

„Разговорот со лицата лишени од слобода да биде спроведен во посебно назначени простории во полициските станици, да има целосно информирање на лицата лишени од слобода за нивните права, МВР да изготви оперативна процедура за постапување со деца што питаат и да има целосно почитување на правата на децата, додека, пак, во полициските станици за гранична контрола да се уреди посебна просторија за претрес и преглед, како и просторија за баратели на азил“, нагласува правобранителот.

ПРЕПОРАКИ ЗА КАЗНЕНО-ПОПРАВНИ УСТАНОВИ

Во врска со казнено-поправните установи правобранителот смета дека е потребно обезбедување соодветни услови за сместување и воведување пробациска служба која ќе доведе до намалување на преполнетоста на затворите.

 „Треба да им се обезбедат соодветни услови на лицата сместени во воспитно-поправниот дом, а Управата за извршување на санкциите да има надлежност и во надзорот на спроведувањето на образованието и здравствената заштита, како и во воспоставувањето на квалитетен и ефективен процес на ресоцијализација “, смета правобранителот.

Според него, неопходно е  имплементирање на законските одредби за здравствената заштита преку ангажирање медицински персонал, преку донесување протокол за трансфер на осудено лице од една во друга казнена установа во кој ќе се опфати и префрлањето на медицинската документација и целосно остварување на правата на притворени и осудени лица, утврдени во Законот за извршување на санкциите, како и Европските затворски правила.

ПРЕПОРАКИ ЗА ПСИХИЈАТРИСКИ УСТАНОВИ

За психијатриските установи, правобранителот укажува дека треба да се продолжи процесот на реновирање на психијатриските установи и да се спроведува процесот на деинституционализација.

„Министерството за здравство да изврши координација со Управата за извршување на санкциите и со надлежните судови по однос на третманот и остварувањето на правата на пациентите сместени во т.н. судско одделение. Потребно е  зголемување на капацитетот на т.н. судско одделение, кое би ги задоволило реалните потреби и во него би се сместувале сите лица на кои судот им изрекол мерка на безбедност задолжително психијатриско лекување и чување, како и изградба на судски одделенија за жени“, истакнува Правобранителот, додавајќи дека потребно е и навремено постапување на судските органи при одлучување за присилна хоспитализација, како и екипирање на медицинскиот персонал.

ПРЕПОРАКИ ЗА УСТАНОВИ ЗА ЗАДРЖУВАЊЕ И ПРЕСТОЈ НА СТРАНЦИ, ИЛЕГАЛНИ МИГРАНТИ И БАРАТЕЛИ НА ПРАВО НА АЗИЛ

За установите за задржување и престој на странци, илегални мигранти и баратели на право на азил, народниот правобранител вели дека треба да им се овозможи пристап до процедурите за азил, како и до заштитните механизми кои треба да вклучуваат пристап до бранител, лекарски преглед, како и можност за контакт со семејството и со претставници од дипломатско-конзуларните претставништва. Потоа, да се почитуваат законските рокови за задржување на странец поради илегален влез во земјата, да им се обезбеди правна помош и да се дислоцира Прифатниот центар за странци.

„Децата и жените во Прифатниот центар за странци да бидат сместени во алтернативни места за престој и да им се обезбедат соодветни активности во согласност со нивните потреби како ранливи групи“, посочува правобранителот.

М.В / veljanoskim@akademik.mk

25.06.2015