/ Прочитано:

1.537

Народниот правобранител за нарушените права на бегалците и мигрантите во Македонија

Народниот правобранител денеска одржа прес-конференција на која говореше за состојбите и правата на мигрантите, проблем што го констатира и во својот годишен извештај.

Правата на бегалците и мигрантите, истакна правобранителот на денешната прес-конференција, се предмет на постојан и засилен мониторинг од страна на Народниот правобранител – Национален превентивен механизам (НПМ), кој во рамките на својот мандат и надлежности континуирано ја следи состојбата со почитувањето на правата на мигрантите/бегалците.

Во таа насока, говорејќи за бегалците од Косово, народниот правобранител нагласи дека повеќе од 150 косовски бегалци веќе 18 години во земјава живеат во тешки услови. Овие лица, рече правобранителот, имаат  егзистенцијални проблеми, се соочуваат со проблеми во остварувањето на правото на здравствена заштита, но и со разни административни бариери како што е прашањето за матичните броеви за нивните деца. Како што подвлече правобранителот, за сите проблеми овие лица се обратиле до институцијата Народен правобранител, барајќи помош и истакнувајќи ги нотираните проблеми.

„На овие лица, Секторот за азил им издава документ со кој лицето е во фаза на суспендирано враќање. Овој документ поради бојата е наречен ’жолт картон’ со кој на лицата им се одложува враќањето во матичната земја, а со што истовремено и им се ограничуваат пристапот и остварувањето на сите права во Македонија, иако станува збор за лица кои треба да уживаат меѓународна заштита. Народниот правобранител не успеа да добие одговор врз основа на што им се издава таков документ, кога нашиот правен систем не признава таква работа. Ако е израз на волја, во најмала рака, таа требало да се озакони. Во тој случај, во прашање е владеење  на правото“, рече Мемети.

Исто така, народниот правобранител се сомнева дека мигрантите што оваа зима беа принудени да го напуштат Табановце го сториле тоа со договор за реадмисија меѓу Македонија и Грција. Станува збор, појасни правобранителот, за околу 50 лица кои беа сместени во транзитниот центар „Табановце“, а кои во февруари беа вратени назад во Грција.

„Водам мачна истрага за шпекулациите во јавноста оти во еден ден поголема група мигранти ги немаше во транзитните центри. Ни беше кажано дека со реадмисија се вратени во Грција. Имаме голем сомнеж дека не се случи реадмисија, туку се случи прогон“, истакна Мемети на денешната прес-конференција.

Народниот правобранител истакна дека и покрај неговите заложби за надминување на овие проблеми, не наидува на соодветна соработка од страна на надлежните институции. Се надевам, рече правобранителот, дека со новата влада многу работи ќе се променат, меѓу кои и ингеренциите и овластувањата на Омбудсманот. Во ваквите случаи, нагласи Мемети, се чувствувам немоќен, властите не ми ги одобруваат препораките, проблемот е во непочитувањето на законот.

Во Македонија, констатира Правобранителот во годишниот извештај, се практикува групно депортирање на бегалците/мигрантите, без запазување на формално-правната процедура што претставува грубо прекршување на човековото достоинство и прекршување на меѓународната и домашната регулатива.

Оваа негативна појава која загрижува, вели правобранителот, не е својствена само за Република Македонија ,туку и за другите земји кои се дел од Балканската рута. На бегалците/мигрантите во Македонија  им беше повредено правото на слобода на движење, недискриминација, невраќање, како и други права, со што не беа испочитувани основните принципи на Конвенцијата во обезбедувањето на гаранции дека лицата кои имаат потреба од меѓународна заштита ќе успеат да ја остварат во услови на масовни миграциски текови.

„Министерството за внатрешни работи, спротивно на законските прописи, носи решенија за задржување на лица во Прифатен центар за странци заради утврдување на идентитет, а воедно продолжува практиката на долготрајно задржување на странците заради потребата од нивно обезбедување како сведоци во кривичните постапки. Утврдена е неуредна достава на решенијата, со што на задржаните лица, всушност, им беше оневозможено да се запознаат со содржината на решенијата и во законски предвидените рокови нив да ги обжалат. Храната што се обезбедува за задржаните лица во Прифатниот центар за странци е со исклучително лош квалитет и количество, а не се почитува Правилникот за куќниот ред, во делот којшто ги гарантира правото на дневни прошетки на свеж воздух и правото на преведувач“, истакнува правобранителот.

M.В