/ Прочитано:

792

НБРМ: Претпријатијата и домаќинствата се најзначајните „деловни партнери“ на финансиските институции

Четврток, 20 август 2015 – Претпријатијата и домаќинствата им се најзначајните „деловни партнери“ на финансиските институции, од чие однесување, од чии потреби, навики, од чија финансиска едуцираност итн., во голема мера зависат видовите финансиски услуги коишто ги нудат институциите и, следствено, составот и структурата на финансискиот систем, се вели во Извештајот за финансиската стабилност во Република Македонија.

Задолженоста на домаќинствата и натаму во најголем дел е кај банките

„Задолженоста на домаќинствата и натаму во најголем дел е кај банките. Во 2014 година, банките обезбедија солидна кредитна поддршка на домаќинствата како резултат на натамошното подобрување на нивните очекувања и оцени за профилот на ризик на кредитната побарувачка, во услови на сѐ уште ниска задолженост на овој сектор и поволни остварувања на пазарот на труд. Дополнителен стимул за кредитниот раст и за соодветното зголемување на долгот на домаќинствата беа и намалените каматни стапки на банките“, се посочува во Извештајот.

Според НБРМ, изложеноста на домаќинствата на каматниот и на валутниот ризик и натаму е потенцијален ризик којшто може да влијае врз висината на нивниот долг и врз нивната способност за отплата на долговите.

„Домаќинствата се и најзначајниот доверител на банкарскиот систем и секое евентуално остварување на ризиците на кои се изложени може да има негативни ефекти врз ликвидното и стабилно работење на домашните банки“, велат од НБРМ, додавајќи дека побарувачката за кредити забележа стабилно зголемување во 2014 година, иако со послаб интензитет во однос на претходната година.

„Кредити поради оптимизмот“

„Зголемената побарувачка на кредити од страна на домаќинствата се поврзува со натамошното зајакнување на оптимизмот на потрошувачите за перспективите на економијата и висината нивниот доход“, велат од НБРМ.

Според податоците, во 2014 година продолжи позитивниот придонес на корпоративниот сектор во формирањето на бруто домашниот производ, претставено преку раст на додадената вредност на домашниот корпоративен сектор, и тоа кај сите дејности.

Влошување на показателите за профитабилноста на домашниот корпоративен сектор

„Показателите за работењето на корпоративниот сектор укажуваат дека во корпоративниот сектор постојат значителни ризици, коишто можат да бидат ограничувачки фактор како за неговиот раст, така и за остварувањата на финансискиот сектор. Имено, во 2014 година се забележува одредено влошување на показателите за профитабилноста на домашниот корпоративен сектор. Ова е особено видливо кај најбројната група – микросубјектите, коишто во целина работат со загуба во 2014 година. Како последица од намалената профитабилност, во 2014 година дојде до намалување на покриеноста на финансиските расходи со оперативната добивка, што може да претставува ризик за одржливоста на долгот на корпоративниот сектор и може да биде извор на негативни ефекти врз банките како негови значајни кредитори“, велат од НБРМ.

Скромно ниво на ликвидност

Покрај ова, додаваат од НБРМ, и понатаму карактеристично за домашниот корпоративен сектор е скромното ниво на ликвидност.

„Забележливо е дека постои поврзаност меѓу слабата ликвидност и загубите од работењето, па така, претпријатијата со микроголемина, како најбројна група, работат со загуба и имаат најслаби показатели за ликвидноста, што упатува на заклучок дека ликвидноста е нееднакво распределена меѓу одделните претпријатија. Релативно нискиот обрт на средствата влијае во насока на релативно долги периоди на „врзување“ на средствата во оперативниот процес на претпријатијата и се јавува како фактор што го одредува скромното ниво на ликвидност со кое располага корпоративниот сектор. Вкупната задолженост на корпоративниот сектор продолжи да расте во 2014 година и претставена како однос со бруто домашниот производ е на историско највисоко ниво“, истакнуваат од Народната банка.

Најголем дел од долгот на корпоративниот сектор е во форма на кредити

Од банката велат дека растот на задолженоста подеднакво бил детерминиран од долгот кон странските доверители, но и од долгот на домашните банки.

„Валутните карактеристики на долгот на домашниот корпоративен сектор, како и кратката нето девизна позиција на секторот, јасно покажуваат дека валутниот ризик е исклучително важен за неговата стабилност и остварувања и дека политиката на стабилен девизен курс на денарот во однос со еврото претставува суштински предуслов за одржливоста на нивото на долгот на корпоративниот сектор во целина. Најголем дел од долгот на корпоративниот сектор кон домашниот банкарскиот систем е во форма на кредити со приспособливи каматни стапки, со што всушност банките ги префрлаат ефектите од движењата на финансиските пазари врз претпријатијата како нивни кредитокорисници“, посочуваат од Народната банка.

М.В