/ Прочитано:

739

Неделкова оствари средба со претставници на делегацијата на Венецијанската комисија

Понеделник, 15 септември 2014 – Претседателот на Врховниот суд на Република Македонија, Лидија Неделкова оствари средба со претставници на делегацијата на Венецијанската комисија, кои престојуваа во Република Македонија по повод давање мислење за амандманите на Уставот на Република Македонија, известуваат од Врховниот суд на РМ. 

„За време на средбата се разговараше и дискутираше по однос на текстот на нацрт амандманите на Уставот на Република Македонија со посебен осврт на амандманот XXXIX, во однос на воведувањето на уставната жалба за заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот, како и воведувањето на жалба против одлуките на Судскиот совет на Република Македонија за избор, разрешување или друга дисциплинска санкција на судија или на претседател на суд, пред Уставниот суд на Република Македонија. Од страна на Претседателот и судиите на Врховниот суд на Република Македонија присутни на оваа средба, беа презентирани мислења и предлози произлезени од претходно одржана Седница на судии на Врховниот суд на Република Македонија, а по повод најавената посета на Делегацијата на Венецијанската комисија на Република Македонија“, се вели во соопштението.