/ Прочитано:

939

Неопходна целосна и конзистентна имплементација на легислативата што ја штити интелектуалната сопственост

Вторник, 28 април 2015 – По повод 26 април – Светскиот ден на интелектуална сопственост, Американската стопанска комора во Македонија (АмЧам Македонија), во соработка со нејзиниот Комитет за заштита на правата од интелектуална сопственост, денеска организираше работилница наменета за инспекторите од Државен пазарен инспекторат (ДПИ) и Министерството за внатрешни работи (МВР) – Сектор за економски криминал.

Целта на работилницата беше подигнување на свеста на инспекторите од овие две државни институции, за да го насочат своето внимание и кон заштитата на правата од интелектуална сопственост како дел од нивната работа.

Во текот на 2014 година, Државниот пазарен инспекторат спровел околу 70 акции постапувајќи по Законот за интелектуална сопственост. Директорот на Државниот пазарен инспекторат Кирил Миноски посочи дека заштитата на правата од инелектуална сопственост го подобрува деловното опкружување во земјата, создавајќи подобри услови на пазарот.

Според него, јакнењето на капацитетите на сите инволвирани страни е пресудно за ефикасно спроведување на законите.

Поради ова, во текот на оваа година ДПИ планира низа активности и обуки поврзани со заштитата на правата од интелектуална сопственост.

Билјана Јанева, Претседател на АмЧам Комитетот за правата од интелектуална сопственост укажа дека без ефикасна заштита на правата од интелектуална сопственост, компаниите немаат причина да одвојат капитал или креативна енергија за развивање нови производи или услуги. Јанева  порачува дека е неопходна целосна и конзистентна имплементација на македонската легислатива која ја штити интелектуалната сопственост.