/ Прочитано:

5.641

Неправилната примена на Адвокатската тарифа од страна на судовите – главна тема на средбата помеѓу делегацијата на Адвокатската комора и претседателот на Врховниот суд

Делегација на Адвокатската комора на Република Македонија составена од претседателот на Комората, Никола Додевски, заменик претседателот Бесим Реџепи и Никола Петров, член на Управниот одбор на Комората, денеска се сретна со претседателот на Врховниот суд на Република Македонија, Јово Вангеловски.

Иницијативата на претседателот на Врховниот суд на РМ да се сретне со претставници на Адвокатската комора на РМ, Комората ја оценува како прв чекор со кој се покажува чувство и волја за еднаков третман на странките во постапката, како и на Комората и обвинителствата како еднакво важни институции од страна на највисоката судска инстанца во земјава.
На средбата биле наведени проблемите со кои се соочуваат адвокатите и правните застапници и било констатирано дека Врховниот суд може многу да помогне во решавањето на предочените проблеми.

Претседателот на АКРМ, Никола Додевски, вели дека на работната средба се разговарало за голем број практични прашања и проблеми со кои се соочува адвокатурата, а особено станало збор за примената на тарифата, проблемите околу нееднаквиот третман на странките во постапката од страна на судовите, законите за коишто се донесуваат заклучоци од институции кои немаат право да ги толкуваат, како и други прашања коишто се однесуваат на придонесот на судовите кон заштита и јакнење на независноста на адвокатурата и улогата на адвокатите во постапката, како и примената на Европската конвенција за заштита на човековите права и стразбуршката судска практика од страна на судовите.

„На средбата се разговараше за проблемите за примената на тарифникот кои резултираат со тоа што и некои судови си земаат за слобода да интервенираат за трошоците, иако тоа право го немаат. Исто така се разговараше и за тоа дека адвокатите немаат ист третман во постапките како обвинителите. Се разговараше и за примената на одредени законски решенија, вклучително и за Законот за нотаријатот и недозволеноста да се суди според дадени мислења и толкувања на органи кои за тоа немаат ниту уставно, ниту законско право. На средбата се разговараше и за тоа дека е недозволиво да се суди според правилници, а не по закони“, вели Додевски.

Во таа насока, како што појаснува Додевски, на средбата се говорело и за проблемите кои низ практиката ги предизвикува одмерувањето на казните, но и одредени решенија од казненото законодавство, а  станало збор и за улогата на Врховниот суд и потребата од неговите ставови по одредени прашања. Она што исто така е важно и што на средбата се истакна, посочува Додевски, е проблемот со примената и почитувањето на Европската конвенција за заштита на човековите права од страна на судовите.

На средбата, посочува Додевски, беше истакнато дека овие работни средби ќе бидат континуирани и во насока на подобрување на адвокатурата,  првенствено поаѓајќи од уставните определби за адвокатурата.

„Од страна на претседателот на Врховниот суд беше искажана подготвеност за што поуспешна соработка и надминување на сите проблеми, а со тоа давање придонес кон владеењето на правото.   И раководството на Адвокатската комора и претседателот на Врховниот суд искажаа подготвеност за перманентни контакти со цел решавање на проблемите кои се јавуваат при остварување на уставната улога на адвокатурата“, нагласува претседателот на АКРМ, кој на денешната работна средба  на претседателот на Врховниот суд на РМ му врачи симбол на Адвокатската комора.

М.В