/ Прочитано:

1.218

Нотарската комора демантира дека нотарите го опструираат работењето на адвокатите

Нотарската комора демантира дека нотарите го опструираат работењето на адвокатите и тврди дека нотарите доследно го спроведуваат во целост новиот Закон за нотаријатот.

„Од 1 јануари годинава, кога почна примената на Законот, Нотарската комора нема добиено иницијативи и претставки дека нотарите постапуваат спротивно на Законот за нотаријатот, а нема претставки ниту од Министерството за правда кое врши надзор над работењето на нотарите и Нотарската комора. Зачудува изјавата дека Адвокатската комора ќе поднесе барање за целосно менување на системот на нотаријатот и негово враќање во судовите кога е општо познато дека една од основните цели на реформата е судството да се растовари од неспорните предмети во кои влегуваат и платните налози и оставинските предмети, со истовремено усогласување со европското законодавство“, велат од Комората.

За разлика од претходниот период, укажува Комората, нотарите годишно решаваат над 70 отсто од вкупниот број примени оставински предмети при што против решенијата се поднесени околу 0,5 отсто приговори, додека во однос на нотарските платни налози се решени над 90 проценти од предметите, а против има три отсто приговори.

Нотарската комора вели дека министерот за правда не упатил толкување на Законот, излегувајќи од своите ингеренции, туку дека се работи за мислење дадено од предлагачот на Законот со кое тој ја објаснува примената на член 22 од Законот за договорен залог кој предвидува дека може да се состави договор за залог во форма на нотарски акт или да се потврди договор во форма на приватна исправа составена од странките или адвокат, што е неоспорно и во согласност со новиот Закон за нотаријат.