/ Прочитано:

838

Нов наслов, стара песна: Германија и Европската унија остануваат потпора за Западен Балкан

Сред разжештената криза во Украина и сред разногласието помеѓу светските велесили, германската канцеларка, Ангела Меркел, вчера ги собра во Берлин политичките челници на земјите од Западен Балкан. Намерувајќи да покаже дека Балканот не е самец со своите напори за приближување кон европското семејство, Германија даде нов поттик за развој на реформските процеси во Југоисточна Европа – спроти гласините од Балканот дека ЕУ го забавила интегративниот процес на регионот и спроти коментарите на западноевропските медиуми дека Русија може да изврши уште поголемо влијание врз кревките демократии во Југоисточна Европа. Напредок има – беше истакнато на вчерашниот самит – но постигнувањето долгорочни резултати ќе бара уште толку поголеми усилби.

Републиките-наследнички на поранешна Југославија, како и Албанија, имаат европска перспектива и се стремат кон нејзиното што поскорашно остварување. Настојувајќи што побрзо да го изодат патот до членството во Европската унија, земјите од Западен Балкан сакаат да постигнат поголем економски напредок и да создадат што повеќе работни места. Овие искрени намери се носечки столбови на процесот што почна вчера во Берлин – на иницијатива на германската канцеларка Ангела Меркел. Вчерашниот Самит за Западен Балкан, како што посочи Меркел, треба да прерасне во доследен работен процес што ќе се преиспитува од година на година. Следната средба ќе се одржи веќе наредната година, и тоа под покровителство на Австрија.

Германските политички челници изразија задоволство за напредокот забележан досега во земјите од опкружувањето. Меркел не пропушти да го спомене пробивот што преку посредството на Европската унија беше постигнат во конфликтот помеѓу Косово и Србија. Регионалната соработка е видлива на повеќе рамништа, а најдобар доказ за неа се заедничките проекти за подобрување и за проширување на инфраструктурата, којашто уште посилно ги поврзува пазарите во регионот. Германија и Европската унија остануваат посветени на натамошното продлабочување на односите со Балканот – беше укажано на „големата обврска“ на Германија да помага и во иднина во залекувањето на старите рани и да се залага за сраснување на заедничкото ткиво.

За каков било напредок, сепак, потребни се здрави рамковни услови. Јавноста, безмалку, напамет ги знае пречките што стојат на патот, но за нив наново се зборуваше и вчера. На прво место стои решавањето на билатералните односи што го нарушуваат развојот на добрососедските односи. Овде најсилно се потцртуваат потребата од продлабочување на дијалогот Србија-Косово и неопходноста од засилување на преговорите на релација Македонија-Грција. 

„Спорот за името меѓу Македонија и Грција мора да се реши ургентно со подготвеност да се направи компромис од сите страни“, се вели во Декларацијата која беше потпишана вчера. 

На младите демократии од Западен Балкан им се забележува дека сè уште страдаат од слабата развиеност на доброто владеење. Во тој поглед, независноста на судството има особено важен удел: секоја држава треба да настојува на независноста и на непристрасноста во судството, со што ќе се поттикнува довербата на граѓаните во државниот систем.

Декларацијата, меѓу другото, содржи и одредби според кои се очекува поголемо вклучување на граѓанското општество во процесите на регионалната соработка, поголема слобода на медиумите. Политички активното граѓанско општество дава конструктивна поддршка за натамошно јакнење на демократските заедници во земјите од регионот. Ваквата поставеност на нештата уште повеќе ќе ги доближи земјите од Западен Балкан до Европската унија. Меѓутоа, за да се стигне до Брисел, одвишно да се напомене, патот мора да го следат уште позавидни резултати: поголеми медиумските слободи, зајакната независност на работничките синдикати, слободна пазарна економија ослободена од какви било политички влијанија, нула толеранција за корупцијата и организираниот криминал, како и подготвеност за донесување на понатамошни реформи со цел зголемување на правната сигурност.


Автор: Далибор Стајиќ Објавено: 29.08.2014