/ Прочитано:

14.373

Нова постапка за данокот на промет на недвижности врз основа на купопродажен договор за недвижен имот

Четврток, 27 август 2015 – Се воведува нова и скратена постапка за утврдување и наплата на данок на промет на недвижности врз основа на склучен договор за купопродажба на недвижен имот. Ова го предвидуваат новите измени на Законот за даноците на имот.

Наместо жалбена постапка – тужба за поведување на управен спор

Со измените и дополнувањата од Предлог на Законот за даноците на имот се предвидува наместо жалбена постапка, против решението на градоначалникот на општината, на градоначалникот на општините во градот Скопје и на градоначалникот на градот Скопје, даночниот обврзник да може да поднесе тужба за поведување на управен спор пред надлежниот суд.

Исто така, со измените се врши и дополнување на постојниот закон, со цел воведување на посебна постапка за утврдување и наплата на данок на промет на недвижности врз основа на склучен договор за купопродажба на недвижен имот.

„Со оваа предлог мерка ќе се постигне поголема ефикасност во даночната постапка која ја спроведуваат единиците на локалната самоуправа, така што обврзниците ќе можат истовремено побрзо да ги остварат своите права“, сметаат од Владата на Република Македонија.

Понатаму, како што се објаснува во законското обралзожение, со измените на Законот се врши дополнување на одредбите од постојниот закон кои го уредуваат утврдувањето на пазарната вредност на недвижниот имот, со цел да се овозможи воведувањето на нова (скратена) постапка за утврдување и наплата на данок на промет на недвижности врз основа на склучен договор за купопродажба на недвижен имот.

Според законските новини во овој дел, договорните страни кои склучиле договор за купопродажба на недвижен имот можат да изберат посебна постапка за утврдување на данок на промет за недвижности, која ја организира надлежниот нотар, според подрачјето на кое се наоѓа недвижниот имот.

За спроведување на оваа постапката обврзникот на нотарот му доставува извештај за процена на пазарната вредност на недвижноста и пресметка на аконтативен данок на промет изготвени од страна на овластен проценувач, како и пополнета аконтативна даночна пријава.

Постапката е алтернативна 

„Во таа насока, со дополнувањата на Предлог на Законот се пропишува нова глава 1-а и пет нови члена 38-а, 38-б, 38-в, 38-г и 38-д кои се однесуваат на утврдување и наплата на данок на промет на недвижности врз основа на склучен договор за купопродажба на недвижен имот во посебна постапка.Со оваа посебна постапка за утврдување и наплата на данок на промет на недвижности врз основа на склучен договор за купопродажба, која е дадена алтернативно само доколку обврзникот истата ја избере, значително се скратува спроведување на постапката за утврдување и наплата на данокот на промет на недвижности и со тоа на постапката за регистрирање на имот. Исто така, со цел да се овозможи поголема ефикасност во управните постапки од прв степен кои се спроведуваат од страна на единиците на локалната самоуправа за целите на утврдување и наплата на даноците на имот, се предлага против управните акти во овие постапки да може да се поднесе тужба за поведување на управен спор пред надлежниот суд, наместо жалба како што предвидува постојното законско решение“, истакнуваат од Владата на Република Македонија.

М.В / veljanoskim@akademik.mk