/ Прочитано:

601

Нова препорака на Советот за стабилизација и асоцијација – Македонија да почнe преговори за членство во ЕУ

Четврток, 24 јули 2014 – Единаесеттиот состанок на Советот за стабилизација и асоцијација меѓу ЕУ и Република Македонија, донесе нова препорака за земјата да ги започне преговорите за членство во Унијата, како и да влезе во втората фаза од Договорот за стабилизација и асоцијација.

Како што известува дописникот на МИА од Брисел, на состанокот со кој претседаваше потсекретарот во италијанското Министерство за надворешни работи, Бенедето Дела Ведова, заедно со еврокомесарот за проширување Штефан Филе, македонската Влада ја претставуваа вицепремиерот за евроинтеграции Фатмир Бесими, шефот на дипломатијата Никола Попоски и државниот секретар за евроинтеграции Јован Андоновски.

Во соопштението лиферувано по состанокот на Советот, се вели дека “Спогодбата за стабилизација и асоцијација (ССА) останува суштина на односите меѓу ЕУ и Република Македонија до пристапување на земјата кон Унијата”.

Советот за Стабилизација и асоцијација ги разгледа клучните настани од претходниот период кои се однесуваат на исполнувањето на политичките критериуми, како и на позицијата на земјата во однос на економските критериуми, финансиската соработка и имплементацијата на Спогодбата за стабилизација и асоцијација.

“Советот за СА ја зема предвид главната цел на земјата да ги отвори преговорите за пристапување, потврдувајќи ја нејзината силна посветеност на таа цел, водејќи сметка на препораките на Европската Комисија во таа насока”, наведуваат од Советот на СА.

Според директорката во Директоратот за проширување, Александра Кас-Грање, на состанокот се дискутирало и за критериумите што треба да се исполнат, повикувајќи се на конструктивен политички дијалог и посветеност на сите политички актери во земјата за предизвиците, помеѓу кои и меѓуетничките односи.