/ Прочитано:

1.975

Нови законски решенија во борба против перењето пари и финансирањето на тероризам

Понеделник, 21 јули 2014 – Превенцијата од перење пари и финансирање на тероризам во Република Македонија е регулирана со Законот за спречување на перење пари и други приноси од казниво дело и финансирање на тероризам. Причините за дополнување на законодавството во оваа област произлегуваат од потребата за негово усогласување со меѓународните стандарди – препораките за спречување на перење пари и финансирање на тероризам утврдени од страна на ФАТФ во 2012 годна и заради надминување на недостатоците утврдени во рамки на четвртиот круг на евалуација од страна на Moneyval комитетот при Советот на Европа, наведуваат од Владата на Република Македонија.

Пропишаните обврски субјектите ги применуваат за целите на спречување на перење пари пари, поврзани предикативни кривични дела и финансирање на тероризам. Предлог законот ги дефинира поимите на перење пари и финансирање на тероризам како дејствијата предвидени со Кривичниот законик со соодветните кривични дела определени во член 273 и 394-в, додека поимот „поврзано казниво дело” се дефинира како кривично дело кое генерира приход кој потоа е предмет на кривичното дело перење пари.

Опсег на задолжени субјекти, обврски, забрани, прекршочни одредби

Предлогот ги содржи следните законски решенија:

  • опсегот на субјектите кои се задолжени да преземаат мерки и дејствија за спречување на перење пари и финансирање на тероризам се редефинира, односно како нови субјекти се воведени интернет казината, а поаѓајќи од стекнатото искуство и пракса некои од постоечките субјекти се избришани (определени институции и здруженијата на граѓани и фондации);
  • обврските за субјектите кои се однесуваат на идентификација се доведуваат во линија со стандардите на ФАТФ кои се однесуваат за идентификација на клиентот, ополномоштувачот и вистинскиот сопственик. Имено, при вршењето на верификација, односно потврдување на идентитетот во сите три случаи, субјектите имаат можност за користење на поширока палета на податоци и документи, односно може да користат податоци и документи од независни и сигурни извори, односно од извори кои не зависат од субјектот кој ја врши идентификацијата,
  • покрај забраната за отворање на анонимни сметки, како нова обврска се проширува и забрана за отворање на сметки на очигледно фиктивни имиња,
  • одредбите кои се однесуваат на вработените во Управата се усогласуваат со Законот за вработените во јавниот сектор и со Законот за административни службеници,
  • пропишан е начинот на собирање, обработка, анализирање, проценување, оценување, користење, пренесување, чување и бришење на податоци и обработка на лични податоци во согласност со одредбите од Законот за заштита на личните податоци.
  • прекршочните одредби од овој предлог се во согласност со Законот за прекршоци и воведуваат одвратувачки, адекватни и пропорционални казни за непочитување на одредбите од овој закони др.

Обврска на задолжените субјекти и надзор

Задолжените субјекти имаат обврска да спроведуваат процедура за анализа на клиентот, да следат определени трансакции, да доставуваат извештаи до Управата за финансиско разузнавање, да чуваат податоци и документи и да воведат внатрешни програми.

„Надзорот над примената на мерките и дејствијата за спречување на перење пари и финансирање на тероризам го вршат: Управата, Народна банка на Република Македонија, Управа за јавни приходи, Комисија за хартии од вредност, Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување, Агенцијата за пошти, Агенција за супервизија на осигурување и Комисите на адвокатите и нотарите“, се наведува во новото законско решение.

Според образложението, причините за изменување и дополнување на Законот, се произлени од потребата за негово усогласување со меѓународните стандарди – препораките за спречување на перење пари и финансирање на тероризам утврдени од страна на ФАТФ во 2012 годна и заради надминување на недостатоците утврдени во рамки на четвртиот круг на евалуација од страна на Moneyval комитетот при Советот на Европа.

„Според Извештајот на Moneyval комитетот констатиран е цеокупен напредок на системот за спречување на перење пари и финансирање на тероризам на РМ, како на полето на регулативата, така и на полето на нејзина имплементација. Покрај констатираниот напредок, утврдена е потреба од законска интервенција при дефинирањето на определени обврски кои треба да ги преземаат задолжените субјекти за спречување на перење пари и финансирање на тероризам, Управата и органите на надзорот и др.

Целта на предложениот закон е негово усогласување со препораките на ФАТФ од 2012 годна и заради надминување на недостатоците утврдени од Moneyval комитетот“, се вели во образложението на Предлог – Законот.

Законот, чие донесување се предлага се заснова на истите начела на кои се заснова и Законот за спречување на перење пари и други приноси од казниво дело и финансирање на тероризам.

Мерки и дејствија за откривање и спречување на перење пари и финансирање на тероризам 

Мерките и дејствијата за откривање и спречување на перење пари, поврзани предикативни кривични дела и финансирање на тероризам се дефинирани со меѓународните стандарди – препораките за спречување на перење пари и финансирање на тероризам утврдени од страна на ФАТФ во 2012 година. Препораките на ФАТФ имплементирани се во одредбите кои ги дефинираат обврските за спроведување на анализа на клиентот, спроведување на поедноставена и засилена анализа на клиентот, известување, чување на податоци, имплементирање на интерни програми за спроведување на законот и редовна внатрешна контрола. Тие мерки се:

  •  анализа на клиентите,
  • следење на одредени трансакции,
  • собирање, чување и доставување на податоци за трансакциите и клиентите кои ги  вршат и
  •  воведување и примена  на програми.

Субјекти  кои имаат обврска да ги преземаат мерките и дејствијата за спречување на перење пари

Сите субјекти се обврзани да спроведуваат мерки на анализа на клиентот во случаите кои се определени со член 6 од предлогот. Имено, сите субјекти се задолжени да го идентификуваат клентот, ополномоштувачот и вистинскиот сопственик со користење на оригинален и важечки документ за идентификација. Под поимот документ за идентификација се подразбира лична карта или пасош, кој клиентот го презентира во оригинал или во копија зааверена кај нотар. Кога станува збор за правните лица, истите се идентификуваат со поднесување на регистрација во хартиена или електронска форма. При потврдувањето на идентитетот на клентот, ополномоштувачот и вистинскиот сопственик субјектите се задолжени да користат информации и податоци од независни и сигурни извори на податоци (односно извори кои не зависат од субјектот кој ја врши идентификацијата). При спроведување на овие мерки субјектите може да се потпрат на трети лица под услови определени во член 14.

Субјекти се лицата кои имаат обврска да ги преземаат мерките и дејствијата за спречување на перење пари и финансирање на тероризам предвидени со овој закон  и тоа:

 1. Финансиските институции и подружници, филијали и деловни единици на странски финансиски институции кои согласно со закон вршат дејност во Република Македонија;

2. Правните и физичките лица кои ги вршат следните услуги:

а) промет со недвижности,

б) ревизорски и сметководствени услуги,

в) нотарски, адвокатски и други правни услуги што се однесуваат на: купопродажба на подвижни предмети, недвижности, содружнички удели или акции, тргување и управување со пари и хартии од вредност, отворање и располагање со банкарски сметки, сефови и други финансиски производи, основање или учество во управувањето или работењето на правни лица, застапување на клиенти во финансиски трансакции и друго,

г) давање совети од областа на даноците;

д) давање консултантски услуги и

ѓ) давање на услуги на инвестиционен советник.

3. Приредувачи на игри на среќа во играчница (казино);

4. Интернет казина;

5. Даватели на услуги за правни лица;

6. Централен депозитар за хартии од вредност и

7. Правни лица кои примаат во залог подвижни предмети и недвижности.

 Царинската управа задолжително го евидентира секое внесување и изнесување на пари и физички преносливи средства за плаќање преку царинската линија на Република Македонија, ако износот го надминува со закон или друг пропис дозволениот максимум.

Субјектите кои во рамките на своето занимање или професија вршат менувачки работи, покрај другите мерки пропишани со овој закон, се должни да го утврдат идентитетот на клиентот согласно член 8 од овој закон пред секоја трансакција која вклучува сума поголема од 500 евра во денарска противвредност.

Субјектите кои во рамките на своето занимање или професија вршат брз трансфер на пари, покрај другите мерки пропишани со овој закон, се должни да го утврдат идентитетот на клиентот, испраќачот односно примачот согласно член 8 од овој закон пред секоја трансакција поголема од 1000 евра или друга валута во противвредност на 1000 евра.

Приредувачи на игри на среќа во играчница (казино), покрај другите мерки пропишани со овој закон, се должни да го идентификуваат клиентот согласно член 8 од овој закон веднаш по влегувањето во казиното и при купување или при исплаќање на чипови во износ над 500 евра во денарска противвредност според средниот курс на Народната банка на Република Македонија на денот на купување, односно исплаќање.

Управа за финансиско разузнување

За прибирање, обработување, анализа, чување и доставување на податоците добиени од субјектите кои се обврзани за преземање мерки и дејствија за откривање и спречување на перење пари и финансирање на тероризам, се основа Управа, како орган на државната управа во состав на Министерството за финансии, со својство на правно лице.

Управата ги има следните надлежности:

– прибира, обработува, анализира, чува и доставува податоци добиени од субјектите врз основа на овој закон;

– прибавува финансиски, административни и други податоци и информации, неопходни за извршување на своите надлежности;

– изготвува и доставува извештаи до надлежните државни органи, секогаш кога постојат основи на сомневање за сторено кривично дело перење пари и финансирање на тероризам;

– изготвува и доставува извесување до надлежните државни органи за постоење на основи на сомневање за сторено друго кривично дело;

– издава писмен налог на субјектот со кој привремено ја задржува трансакцијата;

– поднесува барање за поднесување на предлог за определување на привремени мерки до надлежниот јавен обвинител;

-поднесува налог за следење на деловниот однос до субјектот;

– поднесува барање за покренување на прекршочна постапка пред надлежниот суд;

– соработува со субјектите од член 3 од овој закон, Министерството за внатрешни работи, Управата за финансиската полиција, Јавното обвинителство, Царинската управа, Управата за јавни приходи, Државниот девизен инспекторат, Комисијата за хартии од вредност на Република Македонија, Народната банка на Република Македонија, Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување, Агенцијата за супервизија на осигурување, Државната комисија за спречување на корупцијата и други државни органи и институции, како и со други организации, институции и меѓународни тела за борба против перењето пари и против финансирањето на тероризмот;

– склучува договори за соработка и разменува податоци и информации со овластени тела на други држави и меѓународни организации, вклучени во борба против перење пари и финансирање на тероризам;

– самостојно или во соработка со органите за надзор и комисиите наведени во овој закон врши надзор над субјектите за примената на мерките и дејствијата определени со овој закон;

– поведува иницијативи или дава мислења на закони и подзаконски акти што се однесуваат на спречување на перење пари и финансирање на тероризам;

– помага во професионалното усовршување на овластените  лица и вработените во Одделот за спречување на перење пари и финансирање на тероризам во субјектите од членот 3 на овој закон;

– утврдува листи на индикатори за анализа на ризик и за препознавање на сомнителни трансакции во соработка со субјектите и органите кои вршат надзор врз нивното работење;

– планира и спроведува обуки за усовршување и оспособување на вработените во Управата;

– дава појаснување во примената на прописите за спречување на перење пари и финансирање на тероризам и

– врши други работи определени со закон.

Директорот на Управата го именува и разрешува Владата на Република Македонија на предлог на министерот за финансии по спроведен јавен оглас, објавен во три дневни весници на целата територија на Република Македонија од кои еден од весниците што се издаваат на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните кои зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик и има мандат од четири години.

Во Управата како финансиски разузнавач може да се вработи лице кое покрај општите услови ги исполнува и посебните услови предвидени со овој закон и актот за систематизација на работните места во Управата.

Управата собира, обработува, анализира, проценува, оценува, користи, пренесува, чува и брише податоци, обработува лични податоци под услови и на начин утврдени со овој и посебен закон и води евиденции за личните и други податоци за чие собирање е овластена со овој закон, заради спречување на перење пари и финансирање на тероризам.

Воведени се нови одредби кои ги регулираат правата и обврските, статусот на вработените во Управата за финансиско разузнавање. Овие одредби ги имплементираат одредбите од Законот за вработените во јавниот сектор и Законот за административни службеници.

Меѓуинституционална и меѓународна соработка

Во предлог законот се регулира меѓуинституционалната и меѓународната соработка на Управата. Управата со надлежните државни органи и со единиците за финансиско разузнавање на други држави за целите на спречување на перење пари, поврзаните предикативни дела и финансирање на тероризам може да разменува податоци и информации.

 Предлог законот, ја определува надлежноста за спроведување на надзор над примената на мерките и дејствијата за спречување на перење пари и финансирање на тероризам од страна на субјектите. Одредбите во овој закон не влијаат на веќе воспоставениот систем на надзор.

Одредбите од овој предлог го пропишуваат начинот на собирање, обработка, анализирање, проценување, оценување, користење, пренесување, чување и бришење на податоци и обработка на лични податоци. Овие одредби се усогласени со Законот за заштита на лични податоци.

>>>ПРЕДЛОГ – ЗАКОН за спречување на перење пари и финансирање на тероризам

М.В /veljanoskim@akademik.mk