/ Прочитано:

905

„Новиот Закон носи придобивки за сите учесници во извршувањето“ – ЗОРАН ПЕТРЕСКИ, претседател на КИРМ

Собранието на РМ во рамки 98-та седница го донесе Законот за извршување, кој ќе почне да се применува четири месеци од денот на неговото влегување во сила. Законот влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“. Донесувањето на целосно нов Закон за извршување е во насока на прецизирање на законските одредби во делот на постапувањето на извршителите при спроведувањето на извршувањето, надминување на различните постапувања од страна на извршителите, како и пропишување на јасни законски одредби за ефикасно спроведување на извршувањето, велат од Комората на извршители на Република Македонија. Очекувам за неколку месеци да се почувствуваат придобивките од новиот Закон, истакнува претседателот на Комората на извршители на Република Македонија, Зоран Петрески.

akad 4

Претседателот на Комората на извршители на Република Македонија вели дека искуството  на извршителите покажало голем број недостатоци и аномалии, со што се појавила потребата од донесување нов закон, соодветен на новото време и новите услови за работа.

„Сега веќе стариот  Закон за извршување е донесен во 2005 година во услови кога за првпат се воведува постојниот систем на извршување во Република Македонија и во изминативе 10 години направени се неколку измени и дополнувања кои немаа особено влијание на основниот текст на Законот.  Во изминатите 10 години се случија многу промени на повеќе закони со кои имаме допирни точки. Се сменија условите за работа, имаме голем напредок во користењето на информатичките технологии и, секако, искуството на извршителите покажа и голем број недостатоци и аномалии, со што се појави потребата од донесување нов Закон кој  е соодветен на новото време и новите услови за работа. Новиот Закон се работеше повеќе од 3 години и мислам дека содржи одлични решенија за сите учесници во извршувањето“, вели Петрески.

Според претседателот на Комората на извршители на Република Македонија, новиот Закон за извршување носи придобивки за сите учесници во извршувањето и нуди решенија за физичките лица кои се должници.

„Со новиот Закон, извршителите добиваат јасни и прецизни одредби за постапување и за оневозможување на нелојалната конкуренција која влијаеше и на квалитетот на работата. Доверителите добиваат ефикасност преку скратување на процедурите кај продажбата на недвижностите, можноста да ги наплатат своите побарувања пред да почнат да тужат, со што се намалуваат нивните трошоци и, конечно, тргнувајќи од фактот дека Законот за извршување и извршителите постојат заради оние субјекти и граѓани кои не сакаат да ги исполнат своите обврски, а не заради оние што не можат да го сторат тоа или оние што од разни причини не знаеле дека имаат долг, Законот најмногу нуди решенија за физичките лица должници, заштита на најранливите категории, нема да има блокада на сметки без предупредување за долговите од комунални сметки, нуди намалување на трошоците во извршувањето и секако вонсудската наплата која треба да биде ефикасен и евтин инструмент за наплата на побарувањата“,вели претседателот на Комората на извршители на Република Македонија.

M.В