/ Прочитано:

1.926

Новиот ЗОУП: повеќе чекори напред во водењето на управните постапки — ИНТEРВЈУ СО ИРЕНА БРЗАНОВА, претседателка на Државната комисија за одлучување во управна постапка

Со новиот Закон за општа управна постапка (ЗОУП) секако дека ќе одиме повеќе чекори напред во водењето на управните постапки, но она во што треба да се вложи дополнително, за постигнување на целта утврдена со новиот закон, е зајакнување на кадровскиот капацитет. Несомнено е дека се повеќе од потребни засилени едукации и обуки на службите, но и воспоставување систем на добра организациона поставеност и контрола внатре во органите, како и соодветна распределба на работата. На тој начин ќе се влијае на зголемување на потенцијалот на јавната администрација, што ќе придонесе кон реализација на целта што во себе ја носи овој закон, вели Ирена Брзанова, претседател на Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, во интервјуто за Академик.

Г-ѓа Брзанова, на 23.7.2015 год. Собранието на РМ го донесе долгоочекуваниот нов Закон за општа управна постапка. Во стратегијата за реформа на јавната администрација е предвидено дека еден од главните приоритети е подобрување и рационализирање на управните постапки. Цените ли дека новиот Закон за општа управна постапка ќе придонесе за остварување на овој приоритет?

Неспорно е дека Република Македонија треба да помине низ процес на натамошна реформа и модернизација сѐ со цел да се исполнат очекувањата на граѓаните и на правните субјекти. Со реформата е предвидено да се работи на надградба и доуредување на законската и административната рамка, да се применат концептите и стандардите на Европската Унија и да се подобри административниот капацитет. Еден од главните приоритети опфатени со Стратегијата е подобрувањето и рационализирањето на управните постапки и, во таа насока, сметам дека новиот ЗОУП дава добра основа за тоа. Меѓутоа, за постигнување на овој приоритет не е доволно само донесувањето на Законот, туку неопходно е и обучување и подготовка на државната администрација за неговата примена. За таа цел е предвидена и одложена примена на Законот за подготовки за негова успешна примена.

Еден од основните досегашни проблеми беше времетраењето на управните постапки. Постои ли солидна основа во новиот закон со која ќе се обезбеди скратување на времетраењето на постапките?

Да, сметам дека Законот дава солидна основа со која се обезбедува скратување на постапките. Ова мое очекување произлегува од одредбите во Законот со кои се пропишани пократки рокови за постапување и за преземање дејствија од страна на органите, како и одредбите кои пропишуваат поинакво постапување од досегашното. Овде би ставила акцент на обврската на органите за задолжителна електронска комуникација меѓу нив, што ќе доведе до значително скратување на времето за постапување, но и до заштеда на средства за достава/поштарина.

Исто така, за скратување на времетраењето на постапките ќе придонесе и новината во постапката за изведување на доказите по службена должност, каде што службеното лице кое ја води постапката е должно, по службена должност, по електронски пат да ги прибави доказите и податоците за фактите за кои води службена евиденција јавниот орган надлежен за решавање, што е обврска и во случај кога во однос на фактите, службена евиденција води друг јавен орган, односно друг субјект кој води регистар за податоци. Имено, јавниот орган, односно субјектот кој води службена евиденција е должен да ги достави бараните докази и податоци по електронски пат во рок од три дена од денот на приемот на барањето.

Во кој рок е предвидено да се завршува управната постапка во прв степен и дали сметате дека е тоа разумен рок за постапување?

Како и постојниот ЗОУП, и новиот ЗОУП, во членот 93, предвидува рок од 30 дена за издавање на управен акт, сметајќи од денот на поведување на постапката. Меѓутоа, за разлика од постојниот, новиот ЗОУП ја уредува и можноста за продолжување на рокот во првостепената постапка, ако го оправдува тоа сложеноста на предметот, но продолжувањето не може да биде подолго од 30 дена. Сметам дека ваквата законска рамка за решавање на конкретен предмет е поставена сосема коректно и дека е тој рок разумен за постапување.

Може ли да се заклучи дека управата ќе биде клиентски ориентирана по започнувањето на примената на новиот Закон за општа управна постапка, ако се има во фокус одредбата дека по службена должност првостепениот орган треба да ги обезбеди доказите за кои води службена евиденција друг државен орган/институција?

Да, секако. Во досегашната пракса ова беше едно од прашањата што најмногу влијаеја на одолжувањето на постапките. Многу често кон барањето странките не ги доставуваат сите документи потребни за одлучување по барањето, туку доставуваат само барање како поднесок, со цел да го запазат рокот за доставување на барање. На тој начин, водењето на постапката се сведува на преписки со странката за обезбедување на докази/документи, што секако влијае за пролонгирање на постапката.

Како што и нагласив веќе погоре, за разлика од досегашната пракса, со новиот ЗОУП се предвидува обврска за органот до кого е доставено барањето да ги обезбедува и да ги изведува потребните докази за решавање на предметот по службена должност. Со новото законско решение им се заштедува време и средства и на странката и на органот, а водењето на постапката е побрзо и поефикасно.

Интересно е дека новиот Закон за општа управна постапка во чл. 37 предвидува дека комуникацијата меѓу јавните органи и странките може да се одвива во писмена, усна или електронска форма. Како го оценувате користењето на усната форма, имајќи во вид дека во правото важи правилото „зборовите летаат напишаното останува“?

Не би се согласила дека усната комуникација предвидена во Законот кореспондира со правилото „зборовите летаат, а напишаното останува“, пред сѐ, бидејќи таа и досега се применуваше во пракса и имаше позитивен резултат. Усната форма на комуникација ја познава и постојниот ЗОУП, не е нешто ново, се користи поретко, но е вообичаена за завршување на управни дејства кога органот, усно/телефонски, може да побара од странката да појасни, да дополни, да прецизира нешто во врска со нејзиниот предмет или, пак, кога странката бара нешто да ѝ се соопшти во врска со нејзиниот предмет. На тој начин се одбегнуваат преписките со странките во насока на подобрување на временската ефикасност. Користењето на усната комуникација може да се обезбеди и со ставање забелешка или составување записник, ако е потребно тоа. Но, тоа не треба да значи дека оваа форма на комуникација треба да се користи како правило во цела постапка, туку во исклучителни случаи, зависно од природата на управното дејствие кое треба да биде преземено.

Во новиот Закон за општа управна постапка се воспоставува институтот „правна помош“ како една од алатките за подобрување на ефикасноста на управните постапки. Како е предвидено да се остварува правната помош меѓу органите на управата?

Институтот „правна помош“ е познат и за постојниот ЗОУП, а уреден е во членот 38 и членот 39 од Законот. Во членот 29 од новиот Закон се уредува примената на институтот „правна помош“ на малку поинаков начин од досегашниот и со пократки рокови. Со овој институт е предвидено да се олесни соработката меѓу органите, потребна за спроведување на одредено управно дејствие при водење на управната постапка. Оваа алатка обезбедува меѓусебна помош и поддршка на управните органи. 

Секој јавен орган е должен да побара правна помош по електронски пат кога му се потребни факти, исправи или други докази кои ги поседува друг орган или кога од законски причини не може самиот да го спроведе потребното управно дејствие. Тековната постапка се прекинува сѐ додека не се обезбеди побараната правна помош. Јавниот орган, од кого е побарана помош, е должен да постапи по барањето без одлагање, а најдоцна во рок од седум дена од денот на приемот на барањето и по електронски пат да ги достави бараните факти, исправи или други докази. Ако јавниот орган од кого е побарана помош не постапи во дадениот рок, органот кој ја барал правната помош може да се обрати до органот надлежен за вршење на инспекциски надзор на замолениот јавен орган.

Може ли накусо да прецизирате за нашите читателите какви обврски има првостепениот орган во однос на насоките дадени од второстепениот орган и има ли основа за активирање на инспекциски надзор за одредени непостапувања на првостепениот орган?

Во случај кога ќе утврди второстепениот орган во постапката по жалба дека се нецелосно/погрешно утврдени фактите во првостепената постапка, дека не се водело сметка за правилата на постапката што би биле од влијание за решавање на работата, или, пак, диспозитивот на управен акт е нејасен или е противречен со образложението, тој со свое решение ќе го поништи првостепениот управен акт и ќе му го врати предметот на првостепениот орган на повторна постапка. Второстепениот орган е должен со своето решение да му укаже на првостепениот орган во кој поглед треба да се надополни постапката и да му даде јасни насоки кои дејствија треба да бидат преземени во повторната постапка.

Првостепениот орган е должен во целост да постапи по насоките дадени во решението на второстепениот орган со кое е уважена жалбата и со кое е вратен предметот на повторно решавање и без одлагање, а најдоцна во рок од 30 дена од денот на приемот на предметот, да донесе нов управен акт. Тој е особено должен да ги изведе и да ги прибави сите дополнителни докази кои се од значење за утврдување на фактичката состојба, а чие изведување го наредил второстепениот орган. И против новиот управен акт странката има право на жалба.

Кога првостепениот орган не постапил по насоките на второстепениот орган, во случај на повторна жалба, второстепениот орган е должен да го извести органот кој врши инспекциски надзор над спроведување на одредбите од овој закон за непостапувањето, односно има основ за активирање на надлежниот инспекциски орган.

Дали постои добра основа во новиот Закон за општа управна постапка да се надминат проблемите кои постоеја досега во праксата?

Сметам дека новиот Закон дава добра основа и добри решенија за надминување на проблемите кои досега беа евидентни во праксата. Но применувањето на Законот во пракса ќе биде показател за тоа дали сѐ уште постојат недостатоци што ќе бараат дополнителна интервенција во Законот за нивно надминување.

Законот за општа управна постапка спаѓа во групата на исклучително значајни законски проекти кој во исто време содржи крупни промени. Постои ли потреба од континуирана едукација во оваа област во претстојниот период?

Новиот Закон за општата управна постапка дава добри законски решенија за надминување на некои слабости што ги има постојниот ЗОУП. Со новиот ЗОУП секако дека ќе одиме повеќе чекори напред во водењето на управните постапки, но она во што дополнително треба да се вложи, за постигнување на целта утврдена со новиот закон, е зајакнување на кадровскиот капацитет. Несомнено е дека се повеќе од потребни засилени едукации и обуки на службите, но и воспоставување систем на добра организациона поставеност и контрола внатре во органите, како и соодветна распределба на работата. На тој начин ќе се влијае на зголемување на потенцијалот на јавната администрација, што ќе придонесе кон реализација на целта што во себе ја носи овој закон.

Не можеме да не Ве прашаме за предизвиците со кои во овој момент се соочува институцијата која ја предводите, односно Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен. До формирањето на Комисијата за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка токму прашањата кои се од делокругот на одлучување на оваа комисија беа во Ваша надлежност и најмногу ја оптоваруваат работата на Вашата комисија. Дали во моментот постои намалување на притисокот во поглед на обемот на области по кои постапувате и дали можете да го зголемите квалитетот на решенијата кои ги донесувате?

По однос на предметите од областа на инспекцискиот надзор не можам да кажам дека претставуваа посебно оптоварување на работата на Државната комисија. Ако се земе предвид бројот на предмети од Извештајот за работата на Државната комисија за 2014 година, ќе се види дека споредбено со бројот на примени предмети, 5427, само 577 се од областа на инспекциски надзор. Инаку, надлежноста на Државната комисија е предвидена во голем број материјални закони и има тенденција на зголемување.

Само за информација, уште првичната идеја на предлагачот беше формирање посебна Државна комисија за инспекциски надзор и прекршоци за одлучување во втор степен, како сродни области. Така, Државната комисија за одлучување во управна постапка во втор степен беше само привремено надлежна за постапување на овие жалби, до создавање на услови за формирање на новата државна комисија.

Што се однесува до квалитетот на решенијата што ги донесуваме, целта на Државната комисија од формирањето па сѐ до денес е иста – одлуките да бидат донесени со доследно почитување на материјалните закони, на непристрасен и објективен начин и да бидат добро образложени и јасни. Со тоа сметам дека Државната комисија обезбедува остварување на пропишаните права на странките и нивната правна сигурност на најефикасен можен начин. Исто така, сметам дека со донесувањето на второстепените одлуки се влијае на подобрување на водењето на постапките на првостепените органи, како и на донесување на поквалитетни и подобро образложени првостепени одлуки.


Објавено: 31.08.2015

akademik@akademik.mk

ОБУКА ЗА НОВИОТ ЗАКОН ЗА ОПШТА УПРАВНА ПОСТАПКА: Законски новини, практични прикази и интерактивна дебата