/ Прочитано:

1.411

ОБЈАВЕН ЗАКОНОТ ЗА ЗАШТИТА И БЛАГОСОСТОЈБА НА ЖИВОТНИТЕ – Текстот на Законот изобилува со јазични, граматички и номотехнички грешки

Четврток, 16 октомври 2014 – Собранието на Република Македонија на својата 17 седница го донесе новиот Закон за заштита и благосостојба на животните.

Неговиот текст им дава сериозна поткрепа на сите кои се залагаат при објавувањето на законите строго да се почитуваат важечките закони и да се применуваат правилата за техничко изготвување на законите.

Очигледно од самиот текст, законот не поминал ниту основно ниво на лекторирање, во смисла на примена на македонскиот јазик, што е законска обврска.

 Во поткрепа на тоа, овде наведуваме само неколку примери за мноштвото правописни грешки: „упаствата“, „преставува“, „ангажират“, „не-човеколики“, „не-технички“, „неможат“, „мулти-дисциплинарна“, „представуваат“, „еутаназира“, „три годишно“; граматички грешки: отсуство или вишок на интерпункциски знаци, како на пример одредбите од член 72 и 73 кои завршуваат без точка, незадржувањето на истиот број и род на именките во една одредба, како на пример „Одредбите на членовите …. се применува…“ или „опрема соодветен на видот“, неправилно членувани или нечленувани именки, како на пример „…треба да обезбедат заштита и благосостојбата на животните…“; јазични грешки: „има потреба животните да бидат третирани болни или повредени животни и“, „Во случај да методот на омамување кои не резултират со смрт…..“, „…спротивно со одредбите….“, „случаеви“, „терет“, „дупликација“ и технички грешки: повторувањето на „ги“ во одредбата од член 50, став (6), повторувањето на зборот „начинот“ во одредбата од член 66, став (1), точка 44) или повторувањето на „на овој закон“ во ставот (1) од член 70.

Еден од основните постулати на кои се темели правната држава е правната сигурност на граѓаните. Дел од корпусот на права кои го исполнуваат овој, често споменуван постулат, е правото на граѓаните да ги добијат законите на стандарден македонски јазик, граматички и јазично разбирлив, а од номотехнички аспект, законските одредби да се јасни, недвосмислени и разбирливи и со тоа лесно и подеднакво применливи во сите ситуации и за сите. Овој текст не ги задоволува ниту минималните јазични и номотехнички стандарди и согласно со тоа, не може да претставува закон кој важи еднакво за сите.