/ Прочитано:

1.397

(ОБНОВЕНО) ОДЛУКА НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ИВАНОВ: Прекин на сите постапки против политичари

Претседателот Иванов, како што нагласи, е убеден дека политичката криза не е во интерес на Република Македонија, туку е од нечиј туѓ интерес. Преку кризата во земјава и завојуваните политички лидери некој сака да оствари своја цел, рече Иванов.

Ѓорге Иванов, Претседател на РМ

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, денеска објави дека донел одлука да потпише аболиција за сите политичари против кои се води истрага, против кои е поведено обвинение, како и за еден политичар кој издржува затворска казна.

Во обраќањето до граѓаните, Иванов нагласи дека одлуката ја донел во интерес на државата и на нацијата со цел да ѝ стави крај на политичката криза.

„Со намера да придонесам во решавањето на кризата и релаксирање на односите и намалување на тензиите меѓу спротивставените политички сили и нивните поддржувачи, а свесен за последиците за државата и граѓаните ако ништо не се преземе во оваа тешка криза, свесен за последиците врз мене со преземањето на овој чекор, но и со силна верба дека носам одлука во интерес на државата и нацијата, нејзината стабилност и независност, одлучив да се стави крај на оваа агонија на Република  Македонија“, истакна Иванов во обраќањето.

Тој посочи дека одлуката што ја потпишал денеска стапува во сила веднаш и дека стои зад неа.

Претседателот Иванов, како што нагласи, е убеден дека политичката криза не е во интерес на Република Македонија, туку е од нечиј туѓ интерес. Преку кризата во земјава и завојуваните политички лидери некој сака да оствари своја цел, рече Иванов.

„Сето она што се случуваше во изминатиот период резултираше со досега невидена политичка компромитираност, со политика на меѓусебно пресметување и уништување, бескраен реваншизам и омраза и лична конфронтација. Погледнете што им се направи на нашите политичари и од власта и од опозицијата. Тие толку многу завојуваа што работите отидоа толку лично и далеку. Си отворија меѓусебно толку многу кривични постапки што сега и едните и другите се подготвени да употребат секакви можни средства само да не бидат поразени на следните избори, зашто не знаат до каде оди другата стана во продлабочувањето на личната пресметка, реваншизмот, омразата и ксенофобијата“, рече претседателот.

Во продолжение во целост ви го пренесуваме образложението на претседателот Иванов.

Од овие причини со намера да придонесам во решавањето на кризата, до релаксирање на односите и намалување на тензиите меѓу спротивставените политички сили и нивни поддржувачи, свесен за последиците врз државата и граѓаните ако нешто не се преземе во оваа тешка криза, свесен за последиците врз мене со преземањето на овој чекор, но и со силна верба дека носам одлука во интерес на државата и нацијата, нејзината стабилност и независност, одлучив да се стави крај на оваа агонија на Република Македонија. Метафорички кажано да се пресече јазолот, согласно сите мои уставни и законски овластувања, а преку одлука со која се извршува општ прекин на сите постапки меѓу политичарите и нивните соработници или поддржувачи, од спротиставените страни.

Таквата одлука ја донесов и ја потпишав денес. И стојам зад неа. Во одлуката пишува дека стапува во сила веднаш.

Во однос на оваа одлука сакам да информирам за неколку работи.
– Не се водев од позицијата кој на која политичка опција припаѓа, туку се водев исклучиво од државниот и националниот интерес. Меѓу опфатените има и многу мои политички поддржувачи, но и многу мои политички противници. Но, не поаѓам од моите лични позиции, туку од државните интереси.

– Никого од опфатените во овие одлуки не информирав, или на кој било начин не му најавив или, пак, побарав согласност од него за оваа моја постапка. Претпоставив дека ако го направам тоа, или сите, или најголемиот дел од нив, убедени во својата невиност и исправност ќе ме одбиеја и агонијата во земјата ќе продолжеше со години, заедно со сите можни негативни последици.

– Не навлегував во тоа дали е некој невин или виновен. Поаѓам од презумпцијата на невиност. Моја претпоставка е дека најголемиот дел не се виновни за тоа за што им е покрената кривична постапка, иако не можам да го потврдам тоа без судска одлука. Ова го мислам од причина, што стана јасно дека целта на некого е да ги заплетка политичарите и нивните блиски во кривични постапки и во страв и неизвесност, и притоа во една таква ситуација да остварува свои цели. Но, состојбата е таква, што чекајќи тие да си ја докажат својата невиност, можеме да ја доведеме во прашање иднината на државата. Република Македонија и нејзините граѓани немаат време за тоа.

– Најголемиот дел од прекините на постапките се во фаза кога само некому му е само поднесена кривична пријава, а воопшто не е покрената истрага или обвинение, или пак судски рочишта. Претпоставувам дека за голем дел од нив никогаш немаше да дојде до покренување на истрага или обвинение. Помал дел се такви каде е отворена истрага или обвинение, што исто така не значи дека се виновни. Само една од одлуките е амнестија за лице кое веќе е правосилно осудено, но со оглед што за сите други од тој случај се прекинува постапката, ценев дека е неправедно само тоа лице да отслужува казна. Само затоа што за разлика од другите во тој предмет го признал делото и се спогодил со обвинителството за висината на казната.

– Ако некого со оваа постапка го навредив, или на кој било начин го доведов во состојба да се чувствува непријатно, јавно му се извинувам и потенцирам дека немав кон никого лоша намера. Овој чекор го правам само за зачувување на државните и националните интереси, пред сѐ и над сѐ.

– Ако некого сум пропуштил и тоа го оценам во наредниот период, ќе го исправам пропустот. Доколку проценам дека некој сака со слични чекори, повторно да нѐ заплетка во вакво сценарио, не ја исклучувам можноста повторно да реагирам на идентичен начин.

– Дејствувањето на некои институции во изминатиот период кои треба да се само професионални, добива впечаток дека имаше призвук на политичка хајка и оттука, доколку и во иднина тоа го почувствувам, ќе дејствувам соодветно и ќе го направам истото.

– Убеден сум дека со оваа одлука правам крупен чекор кон меѓусебно помирување, и дека ова ќе помогне за една натамошна нормална, како во сите развиени држави политичка и демократска борба, заснована врз натпревар на идеи и резултати, а не на меѓусебно исцрпување и уништување, и особено не во функција на туѓи интереси и сили.

Убеден сум дека со овој чекор им помагам и на меѓународните посредници кои имаат добри и чесни намери кон нашата земја. Пред сѐ во нивните напори за консолидација на политичката криза и придвижување на земјата кон натамошен напредок, реформи и реализација на стратешките планови за влез во НАТО и ЕУ.

– Можно е на краток рок и двете страни, или сите можни страни, да ме напаѓаат и да ме обвинуваат за овој чекор. Да ме обвинуваат со различни теории за заговор, или разни други обвинувања на моја сметка. Подготвен сум да се справам со тоа. Кога се нафатив со оваа функција, бев свесен дека таа носи и многу непријатности. Но, длабоко сум сигурен дека донесов исправна одлука.

На крајот ќе заклучам: Јас ова што ѝ се случува на Македонија не можам да го дозволам во мојот мандат. Ние не смееме тоа да го дозволиме како генерација. Ова што се случува во Македонија е сѐ, само не политика, ова е поголема игра, во која Македонците, но и другите, Албанците и останатите, и не само политичарите, туку и академиците, професорите, лекарите, интелектуалците, бизнисмените, сите се под уцена и сите се заложници на оваа ситуација. Кризата ќе заврши кога ќе престанат сите да бидат заложници на страв, лична освета, гнев, омраза и поделби.

Потребен ни е процес на национално помирување. Доста беше Македонецот да оди против Македонецот. Ова го гледам како чекор во таа насока.

Кризата почнува да завршува од овој момент и посакувам да добие завршница со фер и демократски избори по сите стандарди. Легитимирани и признаени од меѓународните институции, и потоа државата помирена да продолжи да оди напред, оставајќи ги зад себе овие две мрачни години кои историјата ќе ги смета за црна дамка на нашата генерација.

Јас ја преземам оваа одговорност со полна верба и свесност за сите можни идни реакции од секого, и сум подготвен да ја бранам оваа одлука секаде и пред секого.

Потсетуваме дека на 16 март Уставниот суд го укина Законот за изменување и дополнување на Законот за помилување со кој се ограничуваа правата на Претседателот на државата да помилува.

Мнозинството на судии сметаа дека оспорениот закон предвидува ограничување на Претседателот на РМ при давањето на помилување, така што не може да се даде помилување за лицата осудени за кривичните дела утврдени со измените на Законот.

Во измените, кои сега се веќе укинати, беа опфатени неколку кривични дела за кои Претседателот на РМ не можше да даде помилување. Тоа се: кривичните дела против изборите и гласањето, кривичните дела против половата слобода и половиот морал, кривични дела против здравјето на луѓето, кривичните дела неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги и психотропни супстанции и употреба на дроги и кривични дела против човечноста и меѓународното право.

Специјалното јавно обвинителство од своето формирање до сега, отвори неколку предистражни и истражни постапки против поранешни и сегашни функционери од владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ. Во Кривичниот суд Скопје 1, пак, се водат две постапки против лидерот на опозицијата, Зоран Заев, за предметите „Пуч“ и „Поткуп“.