/ Прочитано:

1.266

Обвинение против ексградоначалникот на Охрид, Александар Петрески

Понеделник, 16 ноември 2015 – Основното јавно обвинителство – Охрид  поднесе обвинителен акт против против поранешниот градоначалник на Охрид, Александар Петрески под сомнение за кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

„Осомничениот се товари дека во март  2013 година, како службено лице – градоначалник на  општина Охрид, ги пречекорил границите на своето службено овластување, бидејќи во постапка за доделување договор за краткотраен закуп на паркинг простори со јавно наддавање овозможил постапката да се спроведе и избраниот понудувач да не изврши уплата на износ од 2.010.000,00 денари надомест за едногодишна закупнина на паркинг просторите.

Имено, обвинетиот првично не постапил по известување на Државната изборна комисија, која побарала да се сопре постапката за јавната набавка до завршување на изборите за градоначалник и членови на Советот на општината, а потоа и со потпишување на Договорот за закуп на паркинг простор му овозможил на закупувачот корист – да започне да стопанисува со паркинг просторите, предмет на објавата и постапката, без да изврши уплата на договорениот едногодишен надоместок“, се вели во соопштението на Обвинителството.

Поранешниот градоначалник на Охрид од редовите на СДСМ, Александар Петрески, заедно со уште неколку лица е осомничен и во случајот „Јагула“ за злосторничко здружување, злоупотреба на службената положба, перење пари, фалсификување или оштетување деловни книги, оштетување или повластување на доверители, примање поткуп и помагање. Тој за овој случај помина во притвор 5 месеци, но беше пуштен со кауција од 285 илјади евра во недвижен имот. Истрагата за случајот е во тек.