/ Прочитано:

734

Обвинителен предлог и нови 30 дена притвор за осум лица кои учествуваа во минатонеделните протести за „Монструм“

Петок, 11 јули 2014 – За 30 дена им е продолжен притворот на осум лица кои учествуваа во протестите на 4-ти овој месец пред објектите на Основниот суд Скопје 1 – Скопје и Основниот суд Скопје 2 – Скопје, при што со камења и други тврди предмети беа оштетени фасадите на објектите и повредени неколку полициски службеници, информираат од Основниот суд Скопје 1.

Во Основниот суд Скопје 1 – Скопје денеска е доставен обвинителен предлог од скопското Основно јавно обвинителство против осум лица со иницијали А.Р., М.Б., Р.В., А.А., Е.И., И.М.,Р.Б. и Ф.З. кои се гонат за кривичното дело „учество во толпа што ќе предизвика кривично дело“.

„Обвинителството ги товари овие осум лица дека биле дел од поголемата група граѓани кои на 04.07.2014 година протестираа пред објектите на Основниот суд Скопје 1 – Скопје и Основниот суд Скопје 2 – Скопје, при што со камења и други тврди предмети ги оштетиле фасадите на објектите и повредиле неколку полициски службеници. Надлежен судија по разгледување и ценење на обвинителниот предлог, донесе одлука на обвинетите, на кои претходно од страна на судија на претходна постапка им беше одредена мерка притвор во траење од осум дена, денеска на сите осум обвинети ја продолжи мерката притвор за нови 30 дена. Воедно дополнително ќе биде утврден и термин за одржување на главата расправа за конкретниот предмет, за што јавноста ќе биде известена“, се вели во соопштението од Основен суд Скопје 1 – Скопје.

 Согласно Кривичниот законик, за кривичното дело од член 385, став 2, в.в. со став 1, предвидени се казни до 5 години затвор, односно:

  • Став 2. „ Ако при дејствувањето на толпата некое лице е лишено од живот или тешко телесно повредено или настапи штета од големи размери, учесникот во толпата за самото учество, ќе биде казнет со затвор од три месеци до пет години.“
  • Став 1. „Тој што ќе учествува во толпа што со заедничко дејствување ќе стори насилство спрема луѓе или ќе оштети или ќе уништи имот од поголема вредност ќе се казни со парична казна или со казна затвор до три години.“

Од Судот велат дека во однос на останатите кривични пријави, поврзани со протестите од минатата недела, до Основниот суд Скопје 1 – Скопје досега не се добиени други обвинителни предлози.

Полицијата во Скопје и денеска се наоѓа во состојба на готовност, откако албански активисти преку социјалните мрежи повикаа на нови големи протести во врска со пресудата за случајот „Монструм“.