/ Прочитано:

1.025

На Миле Хаџиски ќе му се суди одново за убиството од 1993 година

Петок, 25 септември 2015 – Обвинителството даде позитивно мислење за повторување на судската постапка против Миле Хаџиски, обвинет, а подоцна и осуден во отсуство на 20-годишна казна затвор за убиството на скопјанката Мери Јошевска што се случи во 1993 година.  Кривичниот совет при Основниот суд по добивање на мислењето од Обвинителството донесе решение со кое се дозволува повторување на кривичната постапка спрема осудениот.

„Барањето за повторување на постапката обвинетиот го има доставено во надлежниот Основен суд Скопје 1 Скопје, од каде на ден 21.09.2015 е доставено  Барање за мислење во надлежното Основно јавно обвинителство Скопје.

Обвинителот кој постапува во предметот,  на 22. 09. 2015 година достави позитивно мислење по барањето, односно се согласи со предлогот за повторување на постапката, ценејќи дека се исполнети законските основи и дека обвинетиот има право на судење во негово присуство.

Воедно, сметајќи дека има основа да се верува дека обвинетиот ќе се даде во бегство, обвинителството предложи до судот определување на мерката притвор. Од страна на судот предлогот беше прифатен, па со Решение е определен притвор на обвинетиот во времетраење од 30 дена“, се вели во соопштението на Обвинителството.

Кривичниот совет при Основниот суд Скопје 1, пак, по добивање на мислењето донесе решение со кое се дозволува повторување на кривичната постапка спрема осудениот, а воедно и го уважи предлогот на ОЈО да му се определи мерка притвор во траење од 30 дена, сметано од 24.09.2015.

„По правосилноста на ова решение, предвидено е да се запре извршувањето на казната изречена со пресуда на Основниот суд Скопје 2 – Скопје К.бр. 1013/96 од 09.04.1997 година, а преиначена со пресуда на Апелациониот суд Скопје КЖ. Бр. 970/97 од 21.01.1998 година до донесување на нова пресуда“, информираа од Судот.  

Според обвинението, Хаџиски на свиреп начин и од користољубие со умисла ја убил Јошевска (21) на 18 јуни 1993 година. Тој дошол во станот во скопски Аеродром околу 10 часот утрото за да пие кафе. Муабетот набргу прераснал во кавга. Тој најпрвин почнал да ја дави Јашевска,  а потоа со кристален пепелник ја удрил еднаш по десното рамо и двапати по главата. Потоа со кујнски нож, кој го носел со себе и задал десетици убоди по целото тело. Тој исто така употребил и нож, што го нашол во станот, па продолжил да ја боде. Истрагата утврдила е дека секој од 40-те убоди сам по себе не бил смртоносен и дека жртвата очајнички се бранела, но, за жал, не уапсела да се одбрани. Таа поради внатрешно и надворешно крвавење, кое настанало како резултат на добиените повреди, починала на самото место. 

Хаџиски беше уапсен вечерта по убиството. Една година подоцна во тогашниот Окружен суд во Скопје доби 15 години затвор, но се жалеше на пресудата и поради одредени пропусти во истрагата, предметот беше вратен на повторно судење. Тогашната регулатива не дозволуваше притворот да биде подолг од 90 дена, па Хаџиски беше пуштен да се брани од слобода, но по неколку рочишта,  избега од земјава Судењето продолжи во негово отсуство по што беше осуден на 20 години затвор.

По деветнаесет години бегство, Хаџиски, пред еден месец беше екстрадиран од Франција каде што беше уапсен пред повеќе од две години како припадник на  бандата „Пинк Пантер“.

Е. П.