/ Прочитано:

835

Обвинителството ќе испитува евентуална одговорност за смртта на деветгодишната Тамара

Вторник, 10 февруари 2015 – „Основното јавно обвинителство – Скопје по допрен глас оформи предмет за случајот со починатото девојче Т.Д. од Велес, за кој вчера известија медиумите“, соопштија денеска од Обвинителството.

„Назначен е надлежен јавен обвинител, кој ќе го разгледа предметот и ќе започне постапка за утврдување на фактите и на евентуалната одговорност за смртта“, се вели во соопштението на Обвинителство

Деветгодишната Тамара Димоска од Велес, која имаше тежок степен на деформитет на рбетот, вчера почина, откако претходната вечер се жалела на болки во пределот околу срцето. Нејзиното семејство безуспешно се обидуваше да ја добие битката со институциите и со лекарските комисии кои го одбиваа девојчето со образложение дека не се исцрпени сите можности во државата за лекување. Под притисок на медиумите, министерот Никола  Тодоров на 21 ноември минатата година изјави дека државата ќе го плати нејзиното лекување.

Фондот за здравство јавно се огради од одговорноста за смртта на деветгодишната Тамара. Тие вчера соопштија дека во декември минатата година било одлучено операцијата на малата Тамара да се изврши во Турција, а датумот за операција требало да се утврди деновиве. Од таму додаваат дека ако родителите на починатото девојче сакаат да иницираат постапка за одговорност, тоа може да го сторат пред надлежните институции.

Тодоров: Жалам за тоа што се случи со Тамара, ќе се испита дали некаде имало пропуст

Денеска министерот за здравство Никола Тодоров Тодоров искажа жалење за случајот и рече дека треба да се истражи целата постапка за добивање средства за операција.

„Она што јас го гледам откако дознав за случајот е дека откако ја замолив директорката да се заложи за случајот, прилично брзо се заврши работата, но она што треба да го видиме е целиот тој период претходно“, рече министерот Тодоров.

Кога пред извесно време разбрав за овој случај, посочи министерот, имајќи предвид дека овој случај не е случај за кој одлучувам јас ниту Министерството за здравство,  ја повикав директорката на Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ) со цел да ја замолам да се заложи за позитивно решавање на овој случај.

„Директорката се заложи и случајот на малата Тамара се реши на тој начин што беа обезбедени средства и донесена одлука за лекување во странство. Покрај тоа, кога по повод започнувањето со работа на спиналниот центар беше повикан еден од врвните експерти за спинална хирургија од Турција и пошироко во Европа професорот Уфук Талу, го замолив да ја прегледа Тамара и да даде свој стручен став. Професорот рече дека нема шанси таа операција да се изведе во Македонија, дека е многу веројатно да бидат мали шансите за успех на операцијата и во тој центар во којшто беше упатена иако центарот беше специјализиран за овој тип на операции. Операцијата, по негово кажување, била исклучително ретка, тешка и сложена. Им предложил на родителите да биде изведена од група врвни негови колеги кои работат во различни болници затоа што нема тим во една болница што може да ја изведе оваа интервенција“, изјави Тодоров.

Родителите, според него, го прифатиле тој предлог да не се упати во специјализираниот центар за спинална хирургија туку да се чека да се состави посебен тим од повеќе болници и Тамара да се оперира во една болница во странство. Терминот за операција требало да биде соопштен на 8 или 9 февруари.

„За жал не издржа. Мислам дека се што беше во моја моќ да направам, дури можеби и повеќе од тоа, сепак очигледно не било тоа доволно“, рече министерот за здравство.

Случајот кој беше познат од пред три години, според Тодоров треба да се испита во целост.

„Од она што разбрав од директорката на ФЗОМ, не знам дали е тоа потврдено, е дека на документите немало итност. Но, тоа треба да се испита дали имало или немало итност, и ако имало зошто не е постапено така, ако немало зошто немало. Треба детално тој дел да се испита и да се види дали има некаде пропуст“, изјави Тодоров.

Се согласува дека можеби роковите за разгледување на документите во ФЗОМ се предолги, но смета дека треба да се размисли дали вакви рокови, кога станува збор за деца, треба да има.

„Точно, може да се тие рокови предолги. И тоа треба да се испита. Посебно треба да се размисли дали треба да има такви рокови кога станува збор за деца“, изјави министерот Тодоров.

Потсети дека ФЗОМ издвоил средства за лекување во специјализираната болница и оти немало проблем да се плати сумата.

„Не станува збор за голема сума и не станува збор за необезбедни средства. Напротив“, посочи министерот за здравство.