/ Прочитано:

995

Од утре пониски цени во роаминг меѓу Македонија, Србија и Босна и Херцеговина

Понеделник, 29 јуни 2015 – Од утре ќе се разговара по пониски цени во роаминг во мобилната телефонија меѓу Македонија, Србија и Босна и Херцеговина, во согласност со Спогодбата меѓу државите потпишана лани во септември.

Според договорот, за минута појдовен повик ќе се наплаќа по 17,9 денари, а за дојдовен по пет денари. СМС-порака ќе се испраќа за 5,5 денари, а мегабајт интернет ќе чини 43 денари.

Цените се без пресметан ДДВ, а ќе важат до 30 јуни следната година, по што ќе следува ново намалување. Тогаш минута разговор треба да се наплаќа за 14,76 денари, СМС-порака 4,92 денари, а мегабајт интернет 27,6 денари.

Од 1 јули 2017 година, пак, цената за минута разговор треба да чини 11,6 денари, СМС-пораката да се намали на 3,7 денари, а интернетот до 12,3 денари за 1МБ.

Со сегашните цени од македонските оператори за минута разговор во роаминг кон Србија и БиХ се наплаќа од 80 до 150 денари, а за СМС од 16 до 20 денари.

Потписник на договорот е и Црна Гора но, според последните информации, за негова примена се чека на нови решенија за операторите од тамошното регулаторно тело. Спогодбата за пониски цени во роаминг, која ја потпишаа четирите држави во Будва, е отворена и за останатите балкански држави.