/ Прочитано:

1.168

„ОКНО“: Ректорот на УКИМ ни се заканува со тужба за сатиричен текст

Среда, 4 март 2014 – Ректорот на УКИМ бара извинување за сатиричен текст, објави денеска порталот „Окно“ каде што и бил објавен измислениот текст за ректорот Велимир Стојковски во рубриката за сатирични вести.

Никола Гелевски, главен и одговорен уредник на порталот, вели дека текстот, за кој ректорот Стојковски бара извинување, е измислен текст објавен во сатирична рубрика.

„Ова е прв пат некој да ни се заканува со тужби за текст објавен во таа рубрика“, потенцира Гелевски.

„До редакцијата на „Окно“ стигна писмо од Адвокатската канцеларија Апостолски, која го застапува ректорот на УКИМ Велимир Стојковски, во кое се бара повлекување и извинување на ’дадени изјави кои содржат навреди и клевети’ против проф. д-р Стојковски. Проблематичната статија за која се бара извинување е всушност сатирична статија, параинтервју од рубриката Паравести“, вели Гелевски.

Гелевски појаснува дека во конкретниот случај се работи за сатирична рубрика и дека посоченото интервју е измислено.

„Такви интервјуа и таков тип (пара)вести досега сме објавиле неколку стотици – и никој никогаш не барал повлекување или извинување бидејќи луѓето разбираат дека станува збор за хумор и сатира. Ова е прв пат некој да ни се заканува со тужби за текст објавен во таа рубрика. Ви препорачуваме само бегло да ја прелистате рубриката Паравести за да сфатите дека речиси секој текст во таа рубрика е направен во стилот на сатиричното интервју со Стојковски“, посочува Гелевски кој додава дека нема да има извинување и повлекување на текстот.

„Тоа е како да се извинувате за карикатура. Текстот е своевидна карикатура“, вели тој, констатирајќи дека постои неразбирање на сатиричен текст и неразбирање на јавната смисла на медиумите.

М.В