/ Прочитано:

1.180

ОМБУДСМАНИТЕ И ДИПЛОМАТИТЕ ЗА МИГРАНТИТЕ: Решението може да дојде од ЕУ, но тешко им оди на политичарите

Петок, 26 јуни 2015 – Состојбите и предизвиците со илегалните мигранти и баратели на азил беа тема на денешната работилница за илегалните мигранти и баратели на азил, која се одржа во Скопје. На работилницата беше потенцирано дека ситуацијата со мигрантите не е предизвик само за Македонија, туку  и за Европската Унија и за целата меѓународна заедница.

Работилницата е во рамките на твининг-проектот насловен како „Промоција на надлежностите на народниот правобранител и јакнење на институционалните капацитети“, кој го спроведува Народниот правобранител во соработка со канцеларијата на Австрискиот омбудсман одбор и со Институтот за човекови права „Лудвиг Боцман “.

Работилницата ја отворија народниот правобранител Иџет Мемети, советник-министерот и шеф на секцијата за политика, правда, внатрешни работи, информации и комуникации, заменик-шеф на мисијата на Европската Унија Роберт Лидел, и амбасадорот на Австрија, Томас Мајкл Бајер.

На работилницата учествуваа и претставници од канцеларијата на Австрискиот омбудсман одбор, од СПТ , од УНХЦР, како и претставници од министерствата за внатрешни работи и за труд и социјална политика.

Народните правобранители согласни: Неминовна е соработка за глобалниот проблем

„На денешниот ден – Меѓународен ден за поддршка на жртвите од тортура, Обединетите нации повикуваат на преземање целосни мерки за да не дојде до дополнително трауматизирање на жртвите, постоење на алтернативни места за задржување, прифатните центри за странци и баратели на азил да бидат во согласност со меѓународните и домашните стандарди“, истакна народниот правобранител, кој се осврна и на Извештајот што го презентираше вчера и во кој е елаборирано и прашањето за мигрантите.

Народниот правобранител, Иџет Мемети, нагласи дека во однос на состојбите и предизвиците со илегалните мигранти неопходна е размена на искуства и меѓусебна соработка на меѓународно ниво затоа што, како што подвлече, се работи за проблем што ги надминува границите на Македонија и претставува регионално и глобално прашање.

Неговите колеги,  народните правобранители  Иван Шелих, заменик-омбудсман во Словенија и Питер Кастнер од Одборот на австрискиот омбудсман, се согласни дека е неминовна регионалната соработка. Тие потенцираат дека особено владите треба заеднички и солидарно да преземат мерки за надминување на кризата со мигрантите. Иван Шелих истакнува дека кон мигрантите треба да се има похуман пристап и тоа го нагласува во неговата земја. Шелих подвлекува дека треба моногу е битно да се разлика меѓу центарот за странци и затворите затоа што, како што вели, луѓето во центрите не се криминалци, туку доаѓаат во земјите со друга цел.

Австриските искуства, пак, говорат дека решението на кризата не може да биде само еднострано, туку, како што рече Костнер од Одборот на австрискиот омбудсман, решението може да дојде од страна на ЕУ. Според податоците, оваа година во Австрија ќе дојдат 70.000 бегалци.

„Мора да го прифатиме проблемот дека во Европа пристигнуваат мигрантите и притоа ние мора да ги отвориме и границите и нашите држави и да им помогнеме на сите овие бегалци, а притоа да гарантираме дека на овие луѓе ќе им се обезбедат човечки услови“, вели Кастнер, потенцирајќи дека огради и ѕидови не се решение на проблемот.

„Тешко им оди на нашите политичари“

Роберт Лидел, шеф на секцијата за политика, правда и внатрешни работи при мисијата на ЕУ, истакна дека третманот на мигрантите од  секоја земја мора да е во согласност со меѓународните стандарди и во таа насока подвлече дека мигрантите имаат човекови права. Тој се осврна и на мигрантската криза на поопшт план и констатираше дека претставува и европски проблем.

„Потребно е сите земји да обезбедат нивно преживување, транзит, да бидат регистрирани и процесирани на соодветен начин без преголемо одлагање. Но,  ова е нешто што тешко им оди на нашите политичари во ЕУ“, рече Лидел, додавајќи дека се работи за сложено прашање.

Лидел го истакна и значењето на меѓународната регулатива во тој контекст, која предвидува дека бегалец е секое лице што има основен страв од прогон поради раса, религија, националност, членство во одредена општествена група или политичко мислење и се наоѓа надвор од земјата на свое државјанство и поради тие стравови не може или не сака да се стави под заштита на таа земја или нема да може да се врати дома.

Дека прашањето со миграните е регионален и глобален предизвик подвлече и амбасадорот на Австрија во Македонија, Томас Мајкл Бајер. Тој оцени дека Македонија има прагматичен пристап во олеснувањето на состојбата на мигрантите, повика на соработка, но укажа и дека бројот на мигранти ќе биде сѐ поголем.

„Оваа ситуација е голем предизвик не само за Македонија, туку и за целата меѓународна заедница“, истакна Бајер.

М.В / veljanoskim@akademik.mk